Полицијата се уште го бара седумнаесет годишниот Марјан Станојевиќ, кој исчезна од Трговскиот центар каде што собираше донации за операција на очите. Цели десет дена трае потрагата по момчето, а од полицијата не откриваат детали дали имаат некаков траг, дали е виден некаде, ниту дали има распишано меѓународна потерница по него.
„Единствено што можам да ви кажам е дека момчето се уште не е пронајдено, се уште се бара“изјави Лиза Бендевска портпаролка на СВР Скопје.
Неговите родители се очајни. Неговата мајка Вики тврди дека по него сега се трага надвор од границата на Македонија, во Србија бидејќи било утврдено дека ја поминал границата само со лична карта, иако е малолетен.
„Не знаеме дали е жив или не. Од МВР ни јавија дека ја поминал границата со лична карта.Наводно бил виден во Врање, се упатил во Ниш, затоа ни рекоа да почекаме уште некој ден. Има потерница по него“, изјави за НОВА неговата мајка Вики Станојевиќ.
Родителите немаат информација дали границата ја поминал сам или со некој повозрасен од него. Ако навистина ја поминал, како граничните служби дозволиле тоа да се случи бидејќи станува збор за малолетник. Неговата мајка со плачење раскажува дека пред велигденските празници го барале во Ресен и Битола, лепеле плакати со негова фотографија, но безуспешно, од Марјан нема никаков траг.
Од минатиот понеделник кога исчезна од Трговскиот центар во Скопје, тој не е достапен на неговиот мобилен телефон.
„Јас и сопругот бевме во Ресен и Битола, го баравме, лепевме плакати со негови фотографии. Не успеваме да дознаеме ништо“, вели неговата мајка.
Нејасно е, како цели десет дена не може да му се влезе во траг на момчето. Тој нема пари со него, а има проблеми со ориентација во просторот. Марјан има оштетување на видот од 80 проценти на двете очи.
Марјан исчезна минатиот понеделник, мајка му последен пат се слушнала со него во 11 часот. После тоа, тој бил недостапен на неговиот мобилен, па така татко му отишол во Трговскиот центар да го побара, но таму го немало. Откога не се вратил и утредента случајот го пријавиле во полиција.
Тој е ученик во прва година во средното училиште “8 Септември“, отсек за комјутери. Стана актуелен во јавноста бидејќи собираше пари за операција, седнат со транспарент во Трговскиот центар во Скопје.
Неговата мајка тврди дека Марјан наскоро има закажано операција во болницата „Свети вид“ во Србија, откако тука бил одбиен во една приватна болница која не му гарантирала успех.