Учесниците на денешниот протест почнаа да се собираат пред Специјалното јавно обвинителство. Се повеќе луѓе пристигнуваат на ова зборно место а во меѓувреме од разглас се слуша песната “Во борба македонски народе”.
Демонстрантите денес на социјалните мрежи најавија дека фокусот на денешната Шарена револуција е аболицијата. Тие сакаат денес да ја потсетат власта дека немаат намера да се откажат од барањето за повлекување на аболицијата.
Неофицијално, демонстрантите ќе се обидат да стасаат во вилата Водно, резиденцијата на претседателот Иванов за, како што велат, да му порачаат дека од него се очекува да ја повлече одлуката за аболиција на 56 лица.
Демонстрантите денес бараат и ослободување на Љубе Бошкоски.
Намерите на демонстрантите и се очигледно познати на полицијата па над училиштето Кочо Рацин на патот кон води кон Вилата Водно се распоредени ЕБР силите на полицијата.
Граѓаните обединети под движењето #Протестирам бараат повлекување на одлуката за аболиција и оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни. Дел од барањата се и вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.









