Победата на кандидатот за градоначалник Зијадин Села од ДПА синоќа во Струга е прославена со пукање од огнено оружје, а неофицијално повредени се три лица, јавува Дојче Веле.
Незадоволни од победата на Села, група жители од селото Враништа во кое живеат Македонци, ја блокирале сообраќајницата која води кон селата Велешта и Лабуништа и ги каменувале возилата на лица кои се враќале од Струга каде ја славеле победата на ДПА.
Локалните медиуми од Охрид и Струга јавиле дека во инцидентите тројца жители од Лабуништа биле повредени од засега непознати лица со тврди предмети, по што интервенирале специјални полициски сили.
Села освоил 20. 770 гласа, а кандидатот на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ доктор Владимир Кочоски 15. 276 гласа. Од заедничкиот штаб се најавени приговори до ДИК за нерегуларности во вчерашните избори.