Тело на мртва жена два дена стои кај мостот близу Скопски саем и ниту една служба не доаѓа да го однесе. Семејството ја пронашло 35-годишната Весна Станковиќ почината вчера во шест часот наутро.
Телото на глувонемата жена стои надвор пред импровизираното живеалиште и веќе е во фаза на распаѓање, а топлото време уште повеќе допринесува на тоа. Уште оддалеку се чувствува непријатен мирис, а стаорците веќе почнале да го јадат телото.
Тоа се случува под мостот кој од МРТВ води кон населбата Аеродром, на фреквентно место каде што постојано поминуваат луѓе и возила. Нејзината свекрва, Севдије вели дека се јавувале секаде, но никој не дошол. Тие неможат да ја погребаат, таа е српски државјанин, а македонскиот пасош и бил во фаза на изработка.
„Беше болна, целата потечена, пиеше алкохол. Ја најдов почината на столчето вчера рано изутрина. Никој не сака да дојде. Тие во погребалното во Бутел не сакаат да дојдат, нив ги интересираат само парите. Социјалните служби исто така не доаѓаат. Времето е топло, телото е надвор под мостот, се распаѓа, а тука проаѓаат луѓе и не знаат што се случува. Внука ми ја гледа мајка и и постојано плаче“ , вели нејзината свекрва Севдије Мемедовска.
Кога екипата на НОВА стигна на местото каде што се наоѓа телото, во импровизираната куќичка спиеше нејзината тригодишна ќерка, која е исто така глувонема.
Ниту обидите на невладината организација „Амбрела“ не ги покренале надлежните во Центарот за социјални работи, од Министерството за социјала, МВР и погребалното претпријатие АД Бутел да го тргнат телото од таму и да ја погребаат младата жена.
„Јас сум цело време тука со семејството. Звонам секаде, вртам на телефони постојано, ми ветија од социјалните служби дека ќе дојдат, ама веќе е крај на работно време а нив ги нема. Во МВР ми рекоа дека тие не се надлежни за тоа бидејќи не станувало збор за насилна смрт. Телото стои пред очите на нејзината тригодишна ќерка, се распаѓа, ја напаѓаат стаорци кои свекрвата постојано ги брка“, изјави за НОВА Љатифе Шиковска од невладината Амбрела.
Семејството Мемедовски веќе 35 години живеат во Скопје, но се бездомници. Под мостот, во импровизирано живеалиште каде направиле и тоалет, се една година.
Тие собираат пластични шишиња за да се прехранат. Апелираат до надлежните служби да дојдат што побргу и да го однесат телото, бидејќи 35 часа по нејзината смрт постои можност од заразни болести.