Амбасадорите на САД и Европската унија по завршувањето на средбата со претставници на четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино дадоа изјави со умерен оптимизам дека е можен договор во скоро време. Средбата помеѓу претставниците отвора и пат за нови средби на лидерско ниво. Амбасадорите откриваат дека во изминатиот период веќе активно се дискутирало со партиите и дека договорот е можен и тоа поскоро.
-Имаме средби последните неколку недели и се надеваме дека наскоро четирите партии ќе постигнат некаков напредо, рече амбасадорот на САД Џес Бејли по завршувањето на средбата во резиденцијата на ЕУ во Пржино денеска попладне на којашто секоја од партиите имаше можност да ги произнесе своите барања и забелешки на билатерални средби со посредниците.
-Со партиите сме во близок контакт, преговорите продолжуваат и се надеваме дека што поскоро ќе имаме договор, рече амбасадорот на ЕУ Аиво Орав.
-Според нас, потребно е сите услови за фер и демократски избори да се исполнат час поскоро и да знаеме дека тие избори нема да бидат повторување на претходните криминални избори и така да и дадеме шанса на граѓаните да одлучуваат кој ќе ја носи одговорноста за Македонија во следниот период. Имаме ситуација во којашто секоја точка од договореното во Пржино виси, рече Радмила Шеќеринска од СДСМ која беше единствената од претставниците на четирите партии која прифати да зборува со новинарите. Никола Тодоров од ВМРО ДПМНЕ, Имер Алиу од ДПА и Артан Груби од ДУИ избегаа од медиумите.