Се остварија предвидувањата дека маслото од канабис не е наменето за пациентите, туку за бизнис и во политички цели. Маслото е скапо за да можат граѓаните да си дозволат да го купат. Ова се првичните реакции на невладиниот сектор, за кој освен високата цена на маслото кое се појави во слободна продажба, постојат многу дилеми околу она што граѓаните ќе го добијат и тоа што стои во законот.
Во Коалицијата за сексуални и здравствени права бараат да престанат злоупотребите за медицинската употреба на канабисот во политички цели и фаворизирањето на финансиски моќни правни лица кои го контролираат пазарот со лекови и производи од коноп.
Тие се фрапирани од сознанието дека македонскиот коноп кој е надалеку прочуен по своите својства нема да се одгледува и произведува од фармацевската компанија Реплек која доби дозвола да го произведува.
„Маслото е увезено, тоа е суровина која потоа се раствара тука. Во Македонија расте идеален коноп, а ние увезуваме од Австрија, Словенија и Холандија. Во компанијата се изјаснија дека немаат намера да земаат лиценца и да го одгледуваат и произведуваат домашниот канабис “, изјави Жарко Трајановски, советник за човекови права во СЗПМЗ.
Маслото кое се појави деновиве во аптеките, а може да се купи без лекарски рецепт(со 5 и 7 проценти СБД) се продава по цена од 2500 денари, односно 2800 денари.
Една од главните забелешки на невладината ХОПС при носењето на законот беше дека, законот не овозможува лековите да бидат широко достапни поради високата цена. Сега ќе можат да си ги дозволат само финансиски моќни граѓани.
„Во очекување на маслото кое ќе содржи THC, уште еднаш го повикуваме Министерството за здравство да ги прифати предлозите на ХОПС и производите од канабис да бидат ставени на листата на лекови кои ќе бидат покриени од буџетот на Република Македонија. Само на тој начин тие ќе бидат достапни за сите граѓани“, велат од ХОПС.
И во Зелена алтернатива сметаат дека цената е многу висока за да можат граѓаните да си дозволат да го купуваат.
„Цената е висока заради тоа што нема конкуренција, треба да се дозволи други правни лица да влезат на пазарот. Се надеваме дека Министерството за здравство нема да дозволи монопол. Но, бидејќи препаратот е скап, наш став е производителите кои ќе влезат на пазарот да се договорат, децата да можат да го добиваат бесплатно“, велат во Зелена Алтернатива.
Но, не само маслото кое во себе има хранлива вредност и се користи како додаток во конвенционалната терапија, туку и екстрактот со над 2 посто ТХЦ, а е наменет за четири тешки дијагнози и ќе оди исклучиво на рецепт граѓаните ќе го плаќаат од свој џеб.
Засега не се знае колкава ќе биде цената на ова масло за медицинска употреба. Во Агенцијата за лекови велат дека цената ќе биде регулирана од Министерството за здравство и ќе биде иста во сите аптеки. Пациентите нема да го добиваат бесплатно освен, ако не се дел од некоја клиничка студија, велат во Агенцијата.
„Законот дозволува клинички студии, а пациенти кои користат масло од канабис и бидат дел од клиничка студија маслото ќе го добиваат бесплатно“, велат во Агенцијата за лекови.
Во Коалицијата за СЗПМЗ бараат да се донесе посебен закон за употреба на канабисот за медицински и други цели кој ќе ги има предвид спецификите на растението и бројните студии за ефектите од употребата што ќе овозможи лесен пристап до евтини лекови (вклучително и масло од коноп), како и можност за сопствено одгледување за оние пациенти што не се во состојба да ги купуваат лековите.
Во Коалицијата сметаат дека канабисот за медицинска употреба треба да го има во различни форми (за пушење, за вапоризирање, во капсули, за јадење, во форма на масло од канабис) и да не се изедначува одгледувањето и производство на коноп со одгледувањето и производство на афион бидејќи законските услови и ограничувања обесхрабруваат. Исто така бараат да не се ограничува препишувањето на лековите од коноп само во неколку специјалистички медицински гранки и само од страна на специјалисти вработени во јавното здравство.
Екстрактот од маслото од канабис ќе се употребува по препорака на специјалист. На почеток ќе се користи за третман на хронична болка, кај карцином, мултипла склероза, некои типови на епилепсија и кај болни од ХИВ за зголемување на имунитетот.