На новинар од ТВ 21 попладнево од обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски му било побарано да ги избрише фотографиите од мобилниот телефон ,на кои бил фотографиран претседателот на владејачката партија, во прошетка низ улица Македонија, јавува ТВ 21.
Новинарот откако го забележал поранешниот премиер дека е во прошетка, се обидел да го сними моментот за објава на интернет-страницата на ТВ 21.
Oбезбедувањето на екс-премиерот влегло во дворот на телевизијата, го зело мобилниот уред и ги избришало фотографиите од мобилниот телефон, потег кој е снимен од страна на ТВ 21.
На новинарот му побарале новинарска легитимација, при што тој уредно ја покажал, соопштува оваа телевизија.
Членот на обезбедувањето на Груевски приложил и легитимација дека е лице вработено во МВР.
ТВ 21 вели дека екс–премиерот е јавно лице, и во интерес на јавноста е да се знае што прави и како се однесува. Оваа ТВ ја повикува неговата партија и министерството за внатрешни работи да се огласат за овој инцидент.
Безбедносните камери на ТВ 21 го забележаа овој настан, односно регистрираа како обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски, без дозвола на ТВ 21 влегува во телевизијата.




