Авторот Драган Поповски – Дада никој не го информирал каде му е скулптурата која претходно стоеше на местото на Старо-новиот театар, објавува Утрински весник
Како што објавува Утрински, академскиот скулптор Драган Попоски-Дада неодамна од својот студент, скулпторот Сашо Саздовски, дознал дека неговата мермерна скулптура „’Ртење“ се наоѓа фрлена во близина на Музејот на град Скопје, меѓу шутот што го нагрдува околниот простор.
Скулптурата, како што вели самиот, ја изработил во1988 година, по барање на тогашната влада и се’ до отстранувањето, таа стоеше поставена на просторот каде што денес се наоѓа објектот на Старо-новиот театар во изградба.
Во разговор со него, дознава Утрински никој како автор досега не го известил дека уметничкото дело изработено од бел прилепски мермер најпрвин ќе му биде отстрането од првобитниот простор каде што се наоѓаше, а потоа ќе биде префрлено зад Музејот.
„Не излегувам многу во центарот на градот за да знам што се случува“, вели скулпторот чии дела оставија неизбришлива трага во развојот на македонската современа скулптура.
Тој пред десетина години ја имаше и својата последна ретроспективна изложба, а во овој период работи мали фигури, но, како што потенцира, ги работи само за себе.
Негови дела, меѓу другите, се поставени на повеќе јавни површини во земјава и во странство. Во Македонија, пред Воената болница во Скопје, пред Центарот за култура во Битола, а две негови скулптури на Методија Андонов-Ченто му се поставени во Прилеп и во истоимената скопска населба. Монументална негова скулптура на Гоце Делчев има и во Мелбурн, Австралија, а една апстрактна скулптура од осум метри под наслов „Бескрајна вертикала“ му е поставена и во дворот на Ландес централ банк, во центарот на Франкфурт, Германија.
Повеќе за ова читајте во Утрински весник