Верификационата комисија на Сенатот на УКИМ по речиси двочасовна анализа утврди дека од вкупно 68 членови, на Сенатот, исполнети се условите за верификација на мандатите на 67 од нив. Според нив спорен е мандатот само на д-р Маја Јакимовска Тошиќ, која не ги исполнува условите, но не се спорни оние на студентските претставници за кои реагираа од Студентскиот пленум.
Александра Живковиќ од Студентскиот пленум ги предупреди членовите на Сенатот и ректорот Велимир Стојковски дека на седницата ќе бираат нов ректор и ќе носат одлуки со гласови на нелегитимно студентски претставници.
Таа посочи дека тоа ќе предизвика сериозни правни импликации, бидејќи може сите одлуки на Сентот да се оспорат пред законот, бидејќи се носат со нелегитимни членови.
Претставниците на Студентскиот пленум побараа студентите кои седат во Сенатот да го образложат својот мандат, но ректорот Стојковски посочи дека од седницата не може да се прави театар и ги повика членовите на Сентот да прејдат на следната точка – избор на ректор.
Ректорот реплицираше дека Сенатот не е истражен орган и нема да проверува дали документите заверени со печат се веродостојни или не.
По ова претставниците на Студентскиот пленум ја напуштија седницата, а во моментов во тек е гласањето за избор на нов ректор на УКИМ, од двајцата кандидати кои влегоа во потесен круг, Ненад Новковски и Никола Јанкуловски кои се присутни на седницата.




