Стотици граѓани излегоа на улиците на Куманово на протестот за правда за трагично загинатото четири годишно дете, Алмир Алиу јавува репортерот на терен, Џенис Сулимани.
Протестниот марш е мирен, а граѓаните се упатија кон судот во Куманово, каде ќе испратат порака за праведно процесуирање на случајот со убиството на Алмир.
Организаторите на протестот, албанската граѓанска организација „Зени“ побараа од политичарите кои дојдоа на маршот, да застанат во последните редови, како и да се молчи додека се маршира, јавува репортерот.
Фамилијата на Алмир преку медиумите побара случајот да не се политизира и да не му се дава етнички предзнак.
„Нема потреба од протести. Тоа што требало да се случи, се случи. Ние немаме работа со лицето што го згази Алмир, со него сега си има работа државата. Му оставаме на судот, судот да ја одлучи правдата“, велат роднините на малиот Алмир.
Според нив, конфликтот помеѓу Седат Алиу, татко на Алмир и обвинетиот, започнал во болница, тие не се познавале претходно.
Инцидентот се случил ненадејно, откако Седат и го пропуштил редот на една повозрасна жена и не постоела никаква поврзаност со меѓуетничка омраза.
Протестниот марш се одржува под мотото „За правда“, а организаторите бараат целосно расветлување на случајот со малиот Алмир.
„Овој протест се одржува со намера да се крене гласот против сите оние кои се обидуваат да ја убијат нашата иднина, нешто што никогаш нема да го дозволиме. Секој кој извршил такво дело треба да бидат казнет со максимална казна“, се вели во повикот за протестот.
Домашната јавност е згрозена од веста за смртта на четиригодишното дете од Куманово, Алмир Алиу кое пред неколку дена беше намерно удрено со автомобил од Б.И, по банална расправија со таткото на детето во близина на кумановската болница.
Осомничениот за убиството Б.И, истиот ден кога се случил инцидентот е однесен во притвор а против него се очекува покренување на обвинение за убиство и убиство во обид.