Муслиманите во целиот свет, денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам – намаз.
Празникот почнува со молитва, а потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и на блиските. За славењето на денот се приготвуваат и служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава). Празникот се слави 3 дена и за цело време се оди на честитање.
Во текот на Рамазанкиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул – фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам – намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.
Првиот ден од Рамазан Бајрам е неработен за сите граѓани на Република Македонија.




