Српската леарница „Јеремиќ“ на својот веб портал објави фотографии од изработени статуи во Скопје во периодот 2011 – 2012 година.
На насловната интернет страница со наслов „Обновата на Скопје, Македонија“ стои текст во кој се вели: Леарницата „Јеремиќ“ присутна на пазарот во Македонија, успеа во рамките на реализацијата на проектот Скопје 2014, на меѓународен тендер, во конкуренција со Италјанци и Хрвати, да добие голем дел од планираните проекти, што треба да донесе значаен приход.
Станува збор за над 70 поставки на кои работел тимот на оваа српска леарница во 2011/12 година, а кои сега се наоѓаат како во центарот на Скопје, така и во населбите Ѓорче Петров и Автокоманда.
Интересно е тоа што во презентацијата за Скопје 2011 на фотографија е поставен оригиналот на споменикот на Прометеј, односно сосема гол. Додека во презентацијата на поставките од Скопје 2012 е прикажана фотографија која и денеска стои наспроти републичкото собраните во Жена парк во Скопје.
НОВА забележа дека под фотографиите од делата поставени во Скопје, изостанова потпис од автор, а нема ниту краток опис за делото, за разлика од другите скулптури, излеани во „Јеремиќ“, каде секое дело е презентирано со сите детали.
Во портфолиото на леарница „Јеремиќ“ забележителни се и изработките на модернистички скулптури.
Меѓу имињата на над 60-тината вајари се наоѓа и името на нашиот Томе Серафимовски, претставен со спомениците Св.Климент Охридски во Охрид, Мајка Тереза во Скопје Милтон Манаки во Битола и други.
Леарницата „Јеремиќ“ има долга традиција своите корени ги влече од времето пред Првата светска војна, а првата леарница била отворена во Сараевската улица во Белград. Нивните изработки се закитени со бројни награди и меѓународни признанија.