Политичката криза ја оддалечува Македонија од НАТО, се наведува во завршната декларација од Самитот на НАТО во Варшава, кој заврши попладнево по дводневно заседавање, на кој беа донесени повеќе заклучоци за јакнење на одбраната на Алијансата и плановите за обезбедување стабилност во поширокото соседство.
Во точката 114 од Декларацијата уште се повторува заклучокот од Самитот во Букурешт, дека покана за членство за Македонија ќе има веднаш штом се реши спорот со името.
– Со оглед на загриженоста во врска со политичките случувањаМакедонија, кои ја оддалечија земјата далеку од вредностите на НАТО, ги повикуваме сите политички лидери во земјата целосно да ги имплементираат своите обврски од договорот од Пржино, како рамка за одржливо решение на политичката криза. Признавајќи ги првичните чекори кон имплементација, го обновуваме нашиот повик до сите страни да се вклучат во ефикасен демократски дијалог и да се создадат услови за веродостојни избори, зајакнување на владеењето на правото, слобода на медиумите и независноста на судството. Алијансата порачува дека ќе продолжи внимателно да го следи напредокот во овие области, кои ги одразуваат основните вредности на НАТО. За разлика од Заклучоците од Самитот во Велс пред две години, каде приемот се врзуваше единствено со решавање на спорот за името, во Декларацијата од Варшава од земјава покрај решавањето на кризата се бараат дополнитени реформски напори за исполнување на потребните стандарди за членство.
Денеска, лидерите се согласија на обезбедување стабилност преку поддршка на партнерите, вкулучувајќи и договор за почеток на обука и изградба на капацитети во Ирак. Тие исто така одлучија леталата АВАКС на Алијансата да обезбедуваат информации за Глобалната коалиција која се бори против ИСИС и се согласија на проширување на военото присуство во Медитеранот.
Сојузниците и партнерите кои учествуваат во Мисијата за поддршка в Авганистан се согласија да ја продолжат мисијата и после 2016 година со поддршка за авганистанските сили. Последната средба на Самитот беше НАТО Украина каде лидерите ја разгледаа безбедносната ситуација заедно со претседателот Порошенко, ги поздравија владините планови за реформи и договорија сеопфатен пакет за помош за Украина.
Вчера, лидерите одлучија да го зајакнат военото присуство на Алијансата на исток, со 4 баталјони во Полска, Естонија, Летонија и Литванија на база на ротација – што ќе започне од следната година.
Тие исто така се согласија за развој на прецизно испланирано присуство во југо-источниот дел на Алијансата. Сојузниците исто така објавија почетна оперативна способност на Балистичката ракетна одбрана на НАТО чија цел е зајакнување на сопствената сајбер одбрана и прифаќање на сајбер просторот како ново поле на делување.
На маргините на Самитот, генералниот секретар потпиша со претседателите на Европскиот совет и Европската комисија Заедничка декларација за партнерство меѓу ЕУ и НАТО на напредно ниво. Декларацијата ги одредува областите каде НАТО и ЕУ ќе ја зајакнат соработката вклучувајќи ја и безбедноста во морските води и хибрдидните закани.
Ова се заклучоците содржани во Завршната декларација од Самитот на НАТО во Варшава.




