Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт Департментот Викторија Нуланд се сретна со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.
Како што се наведува во партиското соопштение на средбата се разговарало за актуелните политички предизвици, модалитетите за надминување на политичката криза како и стратешкиот интерес на Македонија за членство во НАТО Алијансата.
– Соговорниците се согласија дека суштински важно е излез од политичката криза, за што е потребен ангажманот и придонесот на сите политички чинители во постигнување на решенија кои ќе внесат доверба во процесите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски посочи дека изборите се единствен излез од наметната политичка криза од страна на опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив, но и го посочи фактот дека за да тие се случат потребно е обврзување од страна на опозицијата дека сите услови за избори се исполнети, нема пречки за нивно одржување и дека ќе учествуваат на истите, со цел да не се создаваат нови изговори за нивно ново одложување.
Беше истакнато дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ врвен интерес е напредок во интеграциските процеси, членство во НАТО алијансата како и спроведување на интензивната реформска агенда поврзана со ЕУ која подразбира дополнително унапредување на состојбите и критериумите во повеќе сфери, како и законските решенија кои се предложени од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Груевски се заблагодари за досегашната поддршка на САД, со што беше договорено интензивната комуникација да продолжи и во идниот период за сите прашања и области од заеднички интерес, се вели во соопштението.




