Изненадени и исплашени – така може да се опише чувството кое владее на Илинденска бб по веста дека Европската комисија (ЕК) одлучила да ја блокира неповратната ИПА помош за Македонија. Чувство кое ни беше пренесено од извори блиски до власта.
Изненадени затоа што не очекувале дека Брисел од предупредувачки зборови ЕК ќе мине навистина на дела.
И исплашени затоа што незадоволството на ЕК од тоталната неподготвеност на државните институции за менаџирање на овие средства може да донесе и одземање на владината акредитација за користење на овие европски милиони.
Помеѓу Скопје и Брисел се вжештиле телефоните – Владата барала гаранција дека акредитацијата нема да биде одземена.
Лошото и незрело планирање на европските пари блокираа 110 милиони евра европска помош за Македонија. Оваа помош на Македонија треба да и донесе неповратни 664 милиони евра во периодот од 2014 година до 2017 година.
Оваа акредитација, добиена во 2009 година, беше знак дека ЕК стекнала доверба во способноста на македонските власти да раководат со парите на европските даночни обврзници со кои нашата земја треба да се подготви за членство во ЕУ.
Тоа значи исто така дека Македонија креирала соодветни структури и добро обучен кадар кој може да се справи со оваа комплексна задача. И значи дека институциите можат сами да ги влечат, програмираат, трошат и користат европските фондови.
Во првите две до три години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, еден од владините приоритети беше токму добивањето на оваа акредитација. Со тоа Владата можеше да се пофали дека добила признание од Брисел кое значи дека власта добро работи на зајакнување на демократските институции.
Но, со текот на времето оваа подготвеност на државните институции, градена со години, полека испарила и денес Брисел е соочен со лошо подготвени програми кои не се спремни за финансирање, проблематична стратегија и пред се недоволно политичка волја за ефикасно трошење на парите на европските даночни обврзници.
Вушност ова не е прв пат ЕК да блокира пари за Македонија. Но секоја година блокирана сума расте а предупредувањата кои доаѓаат од Брисел се чести.
Во 2014 година за буџетска поддршка биле блокирани 4 милиони евра, во 2015 се работело за 21 милион евра а сега во 2016 стасавме до блокирани 27,1 милиони евра.
Годинава блокирани се 27,1 милиони евра поддршка за буџетот за 2016 година. Владата не усвои стратегија за подобро добро менаџирање на јавните финансии а тоа беше еден од предусловите за овие пари.
НОВА веќе пишуваше дека за 2014 година се блокирани 13 милиони евра за судството. Може на прв поглед да се чини дека тоа и не се така големи пари. Но ако знаеме дека буџетот на македонското судство изнесува околу 2 милиони денари годишно станува очигледно дека 13 милиони евра за македонското судство се огромна сума.
Освен тоа, ЕК не го прифатила проектот на Македонија за финансирање на стратешкиот проект за пругата помеѓу Скопје и Софија од 69 милиони евра. Причините се исти – лоша стратегија, лошо планирање и недостиг на политичка волја. Овој проект не е дел ИПА фондовите туку се работи за регионална програма за проекти кои допираат повеќе земји.
Да потсетиме дека европските ревизори заклучија дека проблемот со користење на европската помош лежи кај властите кои не даваат активна поддршка за ефикасна употреба на европските пари.
Националните власти треба да се фокусираат на две клучни точки: борбата против корупцијата и јавните набавки. За таа цел земјата треба да преземе сериозна обврска, многу поголема од сегашната. И да се сети дека ова е голема можност да се има добра јавна администрација, вели Ханс Густаф Весберг, член на Европскиот ревизорски суд.
На што се обврзала Македонија во мај 2016 година
Во својата Економска национална програма за оваа година, која Македонија и ја доставува на ЕК, нашата земја се обврзала на повеќе транспаретност во буџетот, на зајакнување на буџетското планирање и усвојување на реформска програма на реформа на менаџирањето на јавните финансии. Македонија се согласила на јавните инвестиции да им даде приоритет во транспарентен, брз и ефикасен процес.
За да ја зајакна финансиската стабилност, власта се обврзала на стратегија за ослободување од неповолните кредити и охрабрување на употребата на локалната валута во финансиските трансакции.
Владата се согласила исто така да биде потранспарентна кога усвојува закони и да ја зајакна независноста на судовите. Најпосле, Владата на Брисел му ветила дека ќе усвои мерки кои ќе ги охрабрат луѓето да влезат на пазарот на трудот и дека ќе го зајакне Заводот за вработување.