Брзо решение за името и дијалог со медиумите и граѓанското општество се клучните пораки на Кетрин Ештон, висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на ЕК од денешната посета во Македонија.
Ештон во текот на денот имаше одвоени средби со премиерот на државата Никола Груевски, лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети како и претседателот Ѓорѓе Иванов.
Ештон со уште поексплицитен речник од еврокомесарот Штефан Филе укажа на ургентноста од поскоро решение за името и практично го потврди она што го констатираше и пролетниот извештај на комисијата презентиран денес, а тоа се надежите дека последниот предлог на Нимиц е нов момент кој дава надеж дека решение ќе има.
“Потребно е дискусиите за името да бидат доведени до дефинитивен заклучок без никакво одложување . Ги охрабрувам политичарите од двете земји да го искористат големиот напор на медијаторот на спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, за конечно решение за спорот за името. Знам дека тоа е тешко сега, но нема друг начин за побрзо решение, подобро е сега отколку подоцна”, рече Ештон.
Слободата на медиумите и односнот кон цивилниот сектор, Ештон ги оцени како суштински во однос на реформите.
“Мора да се одржи конструктивен и инклузивен дијалог со медиумите и со граѓанските здруженија, ова е од суштинско значење. Истото се посочува и во пролетниот извештај и, како што се вели таму, мора да се формира Анкетната комисија и да продолжи дијалогот со новинарите.
-ЕУ внимателно ја следи имплементацијата на договорот од 1 Март помеѓу двете партии. Особено во делот на анкетната комисија и медиумите. Токму затоа ги охрабривме политичките лидери да ги надминат поделбите и да креираат нов политички дух на соработка”, истакна Ештон.
Таа ја нагласи нејзината поддршка за претпристапниот дијалог на високо ниво со земјава воден од еврокомесарот Штефан Филе. А потенцираше дека очекува доследна имплементација на Рамковниот договор, но во делот на она што значи духот на тој договор.
“Ова е единствен начин кон напредокотот на патот кон ЕУ. Европската унија сака вашата земја да успее, но за да успее, европската интеграција почнува од дома”, порача Кетрин Ештон на крајот од конференцијата.