Љупчо Николовски од СДСМ денеска соопшти дека по истекот на рокот за пријавување на кандидати за ад-хок телото за надзор на известувањето на медиумите за време на изборите, и за главен и одговорен уредник на Македонската радио телевизија пријавени се над 20 кандидати, професионалци.
Тој дополни дека во текот на денот ќе извршат интензивни консултации и координации со професионалните здруженија на новинари, со граѓанските здруженија, со невладините организации, по што ќе имаат повеќе детали.
Рокот за пријавување заврши вчера, а повикот го соопшти потпретседателката на партијата, Радмила Шеќеринска неодамна, откако четирите најголеми партии потписнички на Пржино се договорија за ад хок тело за следење на медиуми, кое со пет члена ќе работи до крајот на предвремените избори.
Договорот беше секоја од партиите да предлага свој претставник, а потоа тие со консензус да го изберат петтиот член. Според договорот, еден член од ова тело задолжително треба да биде Албанец.
СДСМ јавно ги повика сите професионалци во сферата на медиумите и граѓанските организации, поединци и здруженија, самите да се кандидираат или да кандидираат некој друг за кого сметаат дека е соодветен да ја извршува функцијата во телото за надзор на медиумите.
Од ЗНМ веќе рекоа дека нема да учествуваат во ад хок телото, чиј краен рок за формирање е 19 август.