Марјан живее во Торонто, Канада. Во Македонија пристигнува минатиот петок. Не бил овде три ипол години.
Средбата ја закажавме на плоштадот. Вели читал и гледал што овде се случува, но ништо од тоа не можел да го подготви за шокот кој го доживеал. Марјан зборува за митото кое му било побарано на царина, за причините поради кои заминал, но пред се, за неверувањето дека една сиромашна држава како неговата родна Македонија може да потроши толку пари за споменици.
-Откако со моите родители ја завршив прошетката низ центарот, дојдов дома и пуштив телевизија. Патриотизам, знамиња, цела програма со такви работи, тоа е неподносливо за мозокот. И на крајот видов реклама – донирајте 100 денари за детскиот ургентен центар. Македонија нема детски ургентен центар! И оние 36 долари кои ги дадов на царината ќе отидат за бронза, за некоја рака, за некој прозор од овие згради, а моите сто денари од мобилен се за детски ургентен центар. Тоа е неверојатно.
-Во Торонто градиме музеи. Музеи на науката. Модерни градби посветени на иднината, не на минатото, не на некаков патриотизам кому никому ништо добро не му донел. А иднината на Македонија ја гледам така што оваа земја еден ден ќе бара многу помош, особено во областа на енергијата.
Импресиите на младиот стоматолог од Торонто за Скопје 2014 погледнете ги во видеото.