Каква е агендата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски? Или, пак, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски? Или, премиерот Емил Димитриев, министерот Диме Спасов и други функционери. Зошто нивните активности не се, или, пак ретко се регистрираат од критичните новинари. Овие прашања често им се поставуваат на новинарите од страна на граѓаните. Зошто никој не го праша Груевски ова или она, на пример.
НОВАТВ не добива известувања од владејачката партија за активностите на нивниот претседател. Во последната година тоа е често, но по поплавите, посетите на Груевски се тајна резервирана само за провладините медиуми.
Исто е и со посетите на градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. Тој деновиве посетува пунктови и погодени подрачја, но најавите се резервирани за одбраните медиуми. Дел од критичните медиуми случајно може да наидат додека функционери како Трајановски или Спасов шетаат низ Стајковци или Сингелиќ. Како денеска, кога НОВАТВ сосема случајно се најде во пунктот на Црвениот Крст за собирање помош во Сингелиќ. Кога пристигнавме, забележавме дека се присутни камерите на телевизиите Алфа, Сител, МТВ, ТВ НОВА (на бизнисменот Сеад Кочан со кој НОВАТВ е во спор поради авторски права над брендот), Канал 5 и државната агенција МИА. Така разбравме дека тие го чекаат претеседателот на ВМРО ДПМНЕ.
НОВАТВ разговараше и со колеги од другите редакции како телевизиите „Телма“, „24 вести“, агенцијата „Мета“, Радио Слободна Европа и други. Сите тие велат дека локациите и времето на активностите на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, но и државни и локални функционери не стасуваат до нив.
-Од 4 август до 9 август на редакцискиот мејл на Радио Слободна Европа нема пристигнато ниту едно известување од ВМРО ДПМНЕ за активностите на партијата, иако во минатиот период тоа беше редовна пракса, се вели во писмениот одговор на редакцискиот колегиум на сервисот на македонски јазик на „Радио Слободна Европа“.
Од ТВ Телма добивме идентичен одговор.
-Откако започна кризата по поплавите, до нашата официјална електронска адреса или во поинаква форма, не е стасано ниту едно известување ниту од владејачката партија ниту од институциите како Град Скопје или министерствата за агендите на функционерите. Ова не е вообичаена пракса и до поплавите не се случувало, вели уредникот во ТВ „Телма“ Боби Христов.
Со истиот проблем се соочува и телевизијата „Алсат“.
-Од поплавите наваму, со исклучок на понекоја најава од владата, не добиваме никакви информации за активностите на ВМРО ДПМНЕ, односно Груевски, Град Скопје и други институции, па оттука, не сме во можност да ги следиме, вели уредникот во ТВ „Алсат“, Горан Теменугов.
Главниот уредник на новинската агенција „Мета“, Зоран Андоновски, вели дека и тие не добиваат известувања и дека тоа претставува проблем за редакцијата бидејќи тие не можат да го соочуваат Груевски со прашања.
-Суптилно не тргаат на страна и ги избегнуваат прашањата на кои не сакаат да дадат одговор. На пример, би сакал да прашам дали Груевски дошол со свој или со владиниот авион од Турција, и ако дошол со владиниот дали за тоа платила можеби партијата или сме го честеле?. Ова што се прави е попречување на работата на новинарите. А понекогаш, пак, добиваме соопштенија во 13,35 дека некој ќе дава изјава во 13.40, што е невозможно да се следи и стигне навреме, вели за НОВАТВ Андоновски.
И НОВАТВ често добиваше известувања од партијата или од институциите за посети на Груевски или функционерите, но пет до 15 минути пред одржувањето на настанот – време невозможно за редакциите да се организираат или стасаат навреме. Подолу на фотографијата е една од тие покани каде што ВМРО ДПМНЕ во 12:39 ни испраќа соопштение за посети на Груевски кои ќе се случат во 13:00 часот во Дебарца.
Извори на НОВАТВ во провладините медиуми велат дека дури и тие не добиваат електронски пораки за посетите на Груевски, туку телефонски повици, а овие активности ги следат новинари кои на шега ги нарекуваат „специјални единици“. Ако нема нарачани прашања, тогаш овие снимања поминуваат без ниту едно поставено прашање. Се држат микрофоните, се изолираат неподобните, а времето и местото се чуваат за „специјалните новинари“ од „специјалните“ медиуми.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани вели дека тие не само што бегаат од новинарски прашања, туку сакаат да ги избегнат и сцените во кои што граѓаните ги исвиркуваат или, пак, во одредени случаи, граѓаните се нападнати кога се негодуваат на посетите на функционерите и нивните мерки. Според него, ова е цензура, но од друга страна, тој вели дека воопшто не е изненаден од ова однесување.
-Врвот на ВМРО – ДПМНЕ не признава слобода на медиуми. Нивниот ментален склоп е тоталитарен. За нив, медиумите не постојат за да ги инфомираат граѓаните и да ја контролираат власта, туку се пропагандна машнерија, за манипулација со граѓаните. Груевски досега ги преклопи сите демократски институции, по секоја цена да се оддржува на власт. За нив слободните медиуми се најголема опасност за нивната неодговорно владеење затоа што одбиваат да бидат транспарентни во нивната работа. Јасно им е дека нивните порази критичните медиуми не можат да ги претстават како успеси. Треба да бидете горди како новинари што Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ не ве информира за нивните активности. Свесни се дека Вас не можат да Ве вклопат во нивната пропаганда машинерија и се вознемирени дека ако ги следите нивните активности ќе им поставите непријатни прашања, на кои немаат одговори, вели Селмани во својот коментар за НОВАТВ.
До објавувањето на овој текст, прашањата поставени од ВМРО ДПМНЕ и Град Скопје за причините поради кои НОВАТВ и погоре споменатите медиуми се држат во мрак во однос на агендата на партијата и институциите, не добивме одговори.