Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието достави барање за одржување итна седница со една точка на дневен ред – состојбата во подрачјата погодени од временските непогоди кои се случија на 6 август 2016 година во околината на градот Скопје.
-Предлагаме и конкретни заклучоци со мерки коишто треба веднаш да бидат преземени за да им се помогне на граѓаните. Собранието мора да расправа за оваа состојба и што е уште поважно пратениците мора да ги донесат предложените заклучоци за да се исполнат условите за задоволовување на минималните потреби на граѓаните кои се погодени од временските непогоди. Ова барање го поднесуваме поради нужноста да им се помогне на граѓаните на кои во овој момент тоа им е најпотребно. Собранието на Република Македонија, ние, како луѓе пред се, имаме уставна и човечка должност да им помогне на овие граѓани, рече Пратеникот Петре Шилегов на прес-конференција.
Според него, на теренот има сериозен број недостатоци од организациски аспект дури и во делење на хуманитарната помош, но, како што рече, свесно не се подигаат на политичко ниво затоа што сега е најнеопходно да се санираат последиците од невремето.
Тој ги повика сите пратенички групи и пратеници во Собранието да го поддржат нивното барање.