„Светец“ не е зборот кој сите го користат кога зборуваат за Мајка Тереза. Нејзините критичари велат таа била сè само светица не, објавува во својата сторија за католичката калуѓерка Си-Ен-Ен.
Папата Францис денеска во Ватикан одржa церемонија на која Гонџа Бојаџиу e прогласена за светица на Римокатоличката црква.
Едно од овие тврдења, против епитетот “светица“, е на поранешниот волонтер Хемли Гонзалез, кој никогаш не се запознал со Мајка Тереза во живо, но бил вчудоневиден од она што го видел кога ги посетил објектите кои ги започнала таа во Калкута, Индија. Според него само проблематична личност такви објекти би креирала.
Веднаш по финансиската криза во 2008 година, Гонзалез паузирал од својот бизнис во Мајами и заминал во Индија каде што два месеци волонтирал во Нирмал Храјдеј, дом со кој раководел Мајка Тереза. По искуството, тој вели декa бил згрозен од ниското ниво на хигиена и медицинска помош кои им биле пружени на пациентите.
Американскиот бизнисмен дополнува дека уште повеќе бил згрозен што ниту тој – ниту другите волонтери немале обука за работа со медицински средства.
Тој тврди дека видел како калуѓерки кои работеле во болницата рутински ги употребувале веќе употребените игли миејќи ги со вода од чешма, потоа, некогаш делеле облека извалкана со урина и измет и слично.
Според неговите тврдења, оние пак кои боледувале од респираторни проблеми, се туширале под ладна вода бидејќи еден бојлер за вода не бил доволен за сите.
– Немаше ниту еден стручен доктор или сестра, Тоа беа сцени од Втората светска војна, тврди Гонзалез во своето сведоштво за Си-Ен-Ен.
Кога ургирал на овие проблеми, тој вели дека од сестрите секогаш го добивал истиот одговор:
„Не можеме така. Ова е начинот кој Исус го сака“.
Е сега, спротивни на неговите тврдења се оние на Чандра Чакраборти, волонтерка во Нирмал Храјдеј пред Гонзалес да биде таму. Таа работела во болницата неколку години.
– Сите овие тврдења се глупости. Ваквите критики се измислени лаги. Луѓето таму доаѓаат во претсмртна состојба. Повеќето од нив откриваат нов живот. Како тие би му дале нов живот на човек кој умира ако не се грижеле за него, потенцира таа.
Несомнено е дека Ватикан ја фаворизира улогата на Мајка Тереза, особено земајќи ги во предвид нејзините ставови за абортусот, контрацепцијата или разводот. Истовремено прогресивците ги критикуваат истите.
Кога Гонџа Бојаџиу ја доби Нобеловата награда за мир во 80-тите, порача дека абортусот е најголемиот уништувач на мирот.
За да стане светица, Папата треба да одобри најмалку две чуда на една личност, а токму тука критичарите го оспоруваат едно од тврдењата за нејзината светос. Имено, Бенгалката Моника Бесра, тврди дека била излекувана откако болувала од рак, со чудо на Мајка Тереза, додека критичарите велат, медицината е виновна за лекување на цистата од која боледувала таа, а не ракот.
– Примав лекарства, но повраќав и постојано имав болка. Но, кога се молев пред Мајка Тереза таа ме благослови и сега сум здрава, тврди Бесра, која дополнува дека сите во нејзиното родно место биле среќни за канонизацијата на Бојаџиу.
За кондратикторноста на светоста на Мајка Тереза своевремено пишуваше и познатиот автор, колумнист и критичар Кристофер Хиченс, кој ја нарече „измамничка“ и „фундаменталист“. Во својата колумна насловена како „Најдрага мамо“ објавена во 2003 година, Хиченс пишува:
– Кога станува збор за “чудото“ што да се каже? Било кој католик кој ја почитува верата би бил засрамен од очигледната лага. Бенгалката Моника Бесра тврди дека се појавила светлина од сликата на Мајка Тереза, која висела во нејзиниот дом, и ја излекувала од ракот. Нејзиниот лекар Ранџан Мустафи вели дека таа воопшто не боледувала од рак и дека цистата која всушност ја имала е излекувана од препишаните лекарства. Дали тој е интервјуиран од истражителите на Ватикан? Не.
Кристофер Хиченс е познат критичар на јавните лица, а помеѓу колумната за Мајка Тереза пишувал и за Бил Клинтон, Хенри Кисинџер, принцезата Дијана и други.