25 години осиромашување и обесправување на работниците! Тоа беа овие 25 години! Македонија ја имаше една од најкриминалните приватизации во целиот поранешен Источен блок! Македонија е претворена во рај за странските инвеститори, а пекол за работниците, се вели во соопштението од Левица.
– Во Македонија власта се фали пред странските инвеститори со тоа колку евтина работна сила има, со тоа колку малку треба да го платат трудот на работниците за уште повеќе да се збогатат. Па зарем потоа зачудува што во Македонија класните разлики меѓу богатите и сиромашните се меѓу највисоките во цела Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз? Во Македонија во последните години, секој осми ден умира по еден работник на работното место. За какви воопшто стандарди на почитување на работничките права да зборуваме во таков контекст!?
А синдикатите станаа немоќни, пред сè бидејќи во најголем број случаи се окупирани од синдикалната бирократија, која примарно се грижи за сопствените фотелји и која и’ седеше во скутот на секоја од досегашните влади, штитејќи ја власта од работниците, а не работниците од власта и капиталистите.
Во 1991 година ни беше ветувана демократија.Затоа што бившиот систем беше недемократски. Но ние никогаш не успеавме да направиме исчекор кон демократијата: во Македонија партиската држава не престана да постои ниту на кратко. Секоја владејачка гарнитура ги пополнуваше работните места не според стручност, туку по партиски клуч.
На јавниот информативен сервис никогаш не му беше дозволено да биде нешто друго освен орган за владина пропаганда. На чело на секој орган или организација што има одредена моќ (од судство, преку синдикатите, до студентските организации) се вршеше притисок да се постави човек близок до „елитите“ кои во тој момент беа на власт.
А сето тоа неизмерно се влоши во последните години. Дури и за македонски стандарди, власта почна да се злоупотребува во невидени размери. И веќе престанавме да бидеме демократија, освен на хартија. Режимот, наводно составен од заколнати антикомунисти, ја партизираа државата во размери нетипични и за поранешниот систем, воспоставија речиси тоталитарна контрола врз секоја институција и организација, почнаа да ги полнат затворите со политички неистомисленици.
Ако им дозволиме, овие наводни патриоти набрзо ќе воведат црна диктатура во Македонија и ќе ја закопаат иднината на нашата земја, велат од Левица.




