Собирот на Шарена револуција заврши со перформанс од факели откако „шарените“ денеска се собраа пред Собранието за да ја дадат својата поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Оваа активност на „шарените“ доаѓа по неколкудневниот, како што го нарекуваат, мобинг од страна на пратениците од власта врз шефицата на СЈО, Катица Јанева, на расправата по однос на извештајот за работата на обвинителството, но и одбивањето на владејачките партии од Законодавниот дом да го донесат законот за зашитетени сведоци кој го бара Јанева.
На собирот кој започна во 17 часот, а заврши во 18:30, зборуваа долгогодишниот адвокат по кривично право, Ѕвонко Давидовиќ, и младиот активист на Шарената револуција, Александар Младеновски.
Тука сме за да ги потсетиме пратениците дека тие ја изгласаа Катица Јанева и дека треба да го почитуваат СЈО и дека треба да ги донесат законските измени за законот за заштита на сведоци којшто таа ги бара. Пратениците прво да си ги преиспитаат членовите на Советот на јавни обвинители и нивните капацитети, рече Давидовиќ осврнувајќи се на нападите врз Јанева на адреса на нејзината компетенција до страна на пратениците од власта.
Активистот Младеновски зборуваше за поделеноста меѓу граѓаните и последиците од истата упатувајќи апел за поддршка на СЈО како тело кое треба да ја врати довербата на граѓаните во институциите.
Не делат по сите основи, на Македонци и Албанци, на патриоти и комуњари и тоа е срамно, а истовремено, сме сведоци на масивниот егзодус на младите. Да не дозволиме да го укинат СЈО кое е единствената некорумпирана институција, рече тој.