Студентите кои се дел од Студентскиот пленум кои се дел од најстариот државен универзитет Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска за прв пат организираат референдум на сите факултети кои се дел од овој универзитет.
Прашањето на првиот референдум гласи „Студенту, дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација како што е во моментот“.
Според првите проценки на пленумот, во првите два часа од почетокот на референдумот излезноста е задоволителна и до сега бројките на студенти се следни: Правен факултет – 75 гласови, Економски факултет – 138 гласови, Градежен факултет 45 гласови, Архитектонски факултет- 75 гласови, ПМФ – 30, Медицински факултет -114 гласови, ФИНКИ – 14 гласови.
Вечерва се очекуваат првите неофицијални резултати на референдумот, кои ќе покажат како се изјасниле студентите за функционирањето на Студентскиот парламент (СПУКМ).
„Целта на денешниот неформален студентски референдум е да се покаже притисок врз самиот СПУКМ, дека самите студенти сакаат да кажат стоп на Студентскиот парламент и неговата неконтролираност во однос на трошењето на неговите пари и неговата нефункционалност. Сакаме и да покажеме дека СПУКМ треба да стане дел од самиот Универзитет. Гледаме дека е проблем тоа што Студентскиот парламент е невладина организација и немаме никаква контрола врз истиот. И покрај сите настани што се случија изминатите месеци, како што се изборите кои беа нелегитимни, тепачките и финансискиот извештај кој го обелоденивме пред јавноста, никаква директна контрола не може да се има врз самиот СПУКМ“, велат од Студентскиот пленум.
За референдумот на секој факултет е формирана изборна комисија составена од студенти, која брои минимум два члена. Избирачката комисија управува со избирачкиот материјал (избирачки кутии, избирачки ливчиња, избирачки список), на начин на кој се грижи за остварување на тајноста и правилата на избирачкиот процес. Референдумот се одржува од 9 до 17 часот, а право на глас имаат сите студенти кои со себе ќе понесат индекс или студентска легитимација а ќе се гласа на избирачки места на сите факултети во рамките на УКИМ.
Од СПУКМ засега не се достапни за коментар за референдумот кој се организира на факултетите. Референдумот доаѓа после изборите за студентско раководство на најстариот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“, кои летоска се одржаа во скандалозна и насилна атмосфера. Студентите неколку пати бараа поништување и повторување на изборите.
Наместо на мирен, фер и демократски начин, дел од студентите обвинија дека биле тепани и туркани од Единицата за брзо распоредување, која го штитеше раководството на СПУКМ кое реши да ги спроведе изборите за студентски лидер по секоја цена.
Изборните кутии од избирачките места пред камерите на медиумите беа изнесувани од избирачките места, иако според Статутот, гласачките кутии се отвораат на факултетите и гласовите треба да бидат пребројувани јавно.
И покрај овие случувања и реакциите на студентите и академската заедница, СПУКМ соопшти дека за нов претседател и лидер на студентите е избран Давор Поповски, кој беше кандидат заедно со Стефан Василевски.




