Со 110 гласа За и ниту еден Против, Собранието донесе решение да се распушти во пресрет на предвремените избори закажани за 11.декември.
Во завршните говори, Рената Дескоска порача дека земјава 10 години ја живее агонијата предизвикана од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои вели таа, масовно ги кршат човековите права, ги иселија младите, ги партизираа институциите и ги уценуваа државните службеници.
Таа порача дека на 11.декември сето тоа ќе заврши со победата на опозицијата.
Илија Димовски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пак, рече дека македонскиот народ не заслужувал дестабилизација и не прифаќа рушење на државата каков што имало обид да се направи тоа од страна на опозицијата и како што вели тој, невладините под нивна контрола.
– Граѓаните на Македонија не прифаќаат рушење на банкарскиот систем. Граѓаните не заслужуваат да гледаат физички напади врз службеници на МВР. Тие не поддржуваат вербален атак врз армијата во клучните моменти кога ја штитеше земјата во мигрантската криза. Невладините на СДСМ маршираа против тоа. Граѓаните не заслужуваат да гледаат како втората најголема партија соработува со расчинетиот владика Вранишковски. Тие нема никогаш да прифатат виткање на кичмата и игра со националниот идентитет и името на земјата, како што сака лидерот на најголемата опозициска партија, рече меѓу другото Димовски.
Според Рафиз Алити пак, не било се така црно како што се обидувала да прикаже опозицијата, и ги поздрави официјализирањето на Тетовскиот универзитет и на универзитетот „Мајка Тереза“ од страна на парламентарците.
Сепак смета дека допрва останува да се расветли кој и за што прислушувал.
Тој дополни дека на Република Македонија и треба нова визија со парламентарниот состав по 11.делември, односно дека граѓаните сакаат да бидат дел од НАТО и ЕУ.
Сепак и покрај тоа што денеска се донесе Буџетот за 2017 година, измените кои ги побара специјалната обвинителка Катица Јанева, во Законот за заштитени сведоци, како и рокот на постоење на СЈО, пратениците од владејачката коалиција ги избегнаа и не го прифатија предлогот на Павле Трајанов истите да се донесат пред да се распушти Собранието.