Гаранторите на Пржинскиот договор, и меѓународната заедница реагираат по последните случувања во кои СЈО се соочува со препреки од страна на Тајната полиција и покрај тоа што влезе со судски налог.
-Сите страни повеќепати се обврзаа да ја поддржат и да ја олеснат работата на Специјалното јавно обвинителство, без опструкции. Европската Унија силно ги охрабрува сите тела во земјата да дејствуваат во рамките на овие јасни обврски и со целосна почит за правната позиција на СЈО. Европската Унија ја нагласува важноста од правна и од политичка одговорност за прислушувањето и за содржините што произлегуваат од него, се вели во реакцијата од Европската комисија.
Од Делегацијата на ЕУ во земјава потсетуваат дека „сите страни се обврзаа да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство“.
Амбасадорот на Велика Британија, Чарлс Гарет истакнува дека СЈО беше договорено од страна на четворицата лидери на главните политички партии и едногласно поддржано од Собранието.
– Според тоа, никој не треба да ѝ застанува на патот на оваа важна работа, бидејќи ако овие наводи не бидат соодветно истражени, не може да има одржлива разврска на политичката криза, смета Гарет.
Од Амбасадата на Словачка, земја која претседава со Унијата, ги повикаа сите страни на „доследна и неселективна имплементација на обврските кои произлегуваат од Пржинскиот договор. Во корист на што поскоро враќање на Скопје на бриселската траекторија“.
Вчера од Амбасадата на САД, која заедно со ЕУ се гарантори на Договорот од Прижино, во кој меѓу преземените обврски беше и СЈО, за НОВА велат дека СЈО мора да има можност да спроведе длабока истрага за да се стави крај на политичката криза.
– Специјалното обвинителство мора да има можност да спроведе длабока, независна и истрага ослободена од препреки и одлагања и владините институции и политички партии треба да соработуваат во тие процеси. Според Договорот од Пржино, воспоставувањето одговорност за неовластеното прислушување и индициите за владини злоупотреби се клучен чекор за да се заврши политичката криза и да се врати земјата на патот за членство во ЕУ и НАТО, одговара Американската амбасада на прашањето на НОВА за опструкциите со кои се соочува СЈО.




