На средба со голем број млади во дворот на на библиотеката „Браќа Миладиновци“, претседателот на СДСМ Зоран Заев зборувајќи со младите за иднината, претстави две мерки кои се планирани во Програмата на неговата партија.
– Денеска ја претставивме мерката за студентскиот град во Скопје со модерни архитектонски решенија за студентските домови, со инкорпорирани фитнес сали, кино сали, библиотеки, ресторани, и сето она што е од интерес на нашите студенти, воведувањето на бесплатниот интернет во студентските домови, но истовремено и студентската картичка за користењето на јавните услуги, како што е и превозот од самите студенти, рече Заев.
Рече дека разговарале за младинската гаранција и за директно помагање од страна на државата за нивното тренирање или практично подготвување за влегување во работа во првите шест месеци после завршувањето на образовниот процес.
– Зборуваме како државата ќе ги стипендира сите оние млади луѓе којшто сакаат да се дообразуваат, односно да одат на магистарски или на докторантски студии, но зборувавме и за студентските домови и сместување на младите луѓе, дека конечно дојде време, политичките партии да ги тргнат своите раце од сите органи и тела на младите, на студентите, за да може на еден транспарентен, непристрасен начин, секој да добие фер шанса за негово згрижување во студентските домови додека студира овде, порача првиот човек на СДСМ.
Заев рече дека мерките што денеска ги презентирал пред младите се само еден мал микро сегмент од она што СДСМ го имаме предвидено за оваа категорија луѓе.




