Три прекршочни пријави заработи дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов за сообраќајните прекршоци кои во петокот вечер ги направил со службеното возило на Агенцијата за вработување, соопшти попладнево на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски рече дека постојат аудио и видео записи дека Спасов го управувал возилото и дека не бил ниту бркан ниту пак нападнат од кого било.
-Лицата кои го пријавија дополнителниот заменик министер Диме Спасов, цело време додека возеле зад него зборувале со службеникот на МВР на бројот 192 каде и пријавиле дека некој им го удрил возилото. Сите разговори се снимаат и се зачувани, изјави Спасовски.
Спасовски уште рече дека досега не е поднесена кривична пријава против лицата кои наводно го бркале Спасов.