Адвокатот на директорот на УБК, Сашо Мијалков побара вонсудска спогодба на рочиштето кое се води за наводна клевета против весникот “Фокус”, главната уредничка Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов. За четвртиот тужен, екс амбасадорот во Чешка Игор Илиевски адвокатот Антонио Апостолски во судот изјави дека тужбеното барање ќе биде зголемено, односно за него немаше понуда за спогодба и процесот продолжува.
Одбраната истакна дека дополнително ќе се изјасни по барањето за спогодба. Првично, тие побараа тужбата на Мијалков да се отфрли како неуредна бидејќи не го содржела потребните податоци за тужителот согласно законот.
-Имаме тужба во која немаме матичен број, немаме адреса, немаме фотокопија од лична карта. Според член 101 од законот оваа тужба е неуредна бидејќи не ги содржи сите податоци за по истата судот да постапува. Стои само името на тужителот Сашо Мијалков и ништо повеќе од тоа. Ние не знаеме кој е тужителот, рече адвокатот Оливер Вуксановиќ на подтотвителното рочиште.
Судијката Јованка Спировска-Панева експресно го отфрли приговорот, на што реагираa сите адвокати од одбраната и побараа да им биде доставен поднесокот на тужбата. Судијката ниту на тоа не одговори позитивно и рече дека можат писмено да побараат увид во предметот.
-Судија, ова е незаконска тужба, кој може во судот да поднесе тужба без да ги наведе основните податоци, само име и презиме не кажува кој е тој човек што тужи, реагираше одбраната.
Судијката, на висок тон и во тензична атмосфера одговори дека таа е надлежна за законот, а не тие и дека немало никаков проблем ако недостигале податоци.
-Не е проблем што е незаконски, јас одговорам за законот. Сакате ли да ве избркам од судницата? Ако некој не платил судска такса или не доставил матичен број и што, ај сега ќе ја отфрламе тужбата?!, беше буквалниот одговор на судијката Спировска-Панева.
Адвокатите на одбраната по завршувањето на рочиштето низ ходниците коментираа дека таква тужба без основни податоци, или не дај боже, без платена судска такса е невозможно да се прифати од судот како уредна и се прашуваа дали некои лица можеби имаат специјален статус во судовите.
Причината за тужбата е пренесена изјава од функционер, односно текст во кој поранешниот амбасадор на земјава во Чешка тврди дека имал притисоци од Мијалков. Авторот на текстот се обидел да го контактира Мијалков со намера да се чуе и втората страна, но не му успеало. Побарувањата на тужителот се големи: по илјада евра од новинарот Владо Апостолов и поранешниот амбасадор, 10.000 евра од уредникот Јадранка Костова и 15.000 евра од правното лице “Фокус прес”. Следното рочиште се закажа за 19 Јуни.
Како и претходното рочиште, и на ова присуствуваа претставници на американската амбасада и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и голем број колеги на Апостолов и Костова дојдени да дадат поддршка.