За само два месеца општина Центар го потрошила буџетот за цела година. Ова го тврди градоначалникот Андреј Жерновски на денешната седница на советот на општината која е е во тек, а на која во моментов на дневен ред е буџетот на општината.
– Значи, 340 милиони денари се нашите превзмени обврски, а до крајот на годината можеме да собереме евентуално 350 милиони денари. Во вториот месец на годината буџетот е потрошен де факто до крајот на годината. Јас се доведов во ситуација да немаме плата за вработените, а сме најбогатата општина во земјата, рече Жерновски.
За двете катни гаражи општина Центар зела кредит од 5, 5 милиони евра кој ќе доспее за плаќање во Јули. А истовремено, долгот за греење кон градинките и училиштата изнесува 400 илјади евра.
– Оптшината има заостанати обрвски кон градинките и училиштата од 400 илјади евра за неплатени сметки за греење, иако е општина со најголем буџет и истовремено се градат разно разни спомен обележја, велат од советничката група на СДСМ во општина Центар.
Со констатациите на Жерновски дека на општината ќе и биде тешко да работи до крајот на годината, се согласи и раководителката на секторот за финансии. Советниците на ВМРО ДПМНЕ реагираа на нејзината изјава.
– Истата оваа раководителка на седниците на Советот од минатиот состав ревносно ги бранеше финансиските планови на претходниот градоначалник. Истите овие работи за кои зборуваме сега и сакам да знам дали оваа раководителка не довела во заблуди, реагираше советничка од ВМРО ДПМНЕ.
Расправата за буџетот се уште трае, а претходно се усвои завршната сметка на Јавното претпријатие “Паркинзи – Центар”. Новиот советнички состав не доби одговор кој ја аминувал одлуката за бесплатен паркинг во предизборието и дали таа ги поминала сите законски филтри.