Европската конвенција за човекови права е тоа што ќе биде основа за идното делување на идната влада на Македонија. Таа ги гарантира сите права на граѓаните на Европа и тие има да важат и во Македонија. Идната влада ќе ја водиме ние и ќе биде европска, порача денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев од Битола.
Заев пред насобраните поддржувачи денеска порача дека без разлика каков ќе биде исходот од седницата во ДИК каде се одлучува за приговорите кои ги поднесоа партиите БЕСА и ДУИ тој знае дека Груевски, но и Груевски знаел дека не може да формира Влада.
„Затоа апелирам, до сите граѓани да ги сталожиме мислите и да не дозволиме да прават проблеми. Да не веруваат на оние од врхушката на власта, кои им даваат глупави насоки. Јас и Груевски не се гледаме преку нишан на пушка. И не сме со вперени пушки меѓу нас. Ние седиме заедно, ние разговараме заедно. Ние одлучуваме за иднината на Македонија. Можеби сме спротивставени. Но се слушавме во текот на кампањата. Ние на молкот разговаравме за да го контрилираме заедно избирачкиот процес. Немојте никој да ве лаже, доста ни се делби и поделби во Македонија. Одлуките денеска на ДИК и евентуално на Управниот суд, се формално правни процеси, кои согласно закон и Устав треба транспарентно да отпочнат и да завршат. Без разлика дали резултатот ќе биде 51 за ВМРО ДПМНЕ 49 за СДСМ, или ќе биде 50-50 или 50 за СДСМ а 49 за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.
Тој истакна дека дошол да оддаде признание на Битола која му пркоси и го победила режимот. „Мнозинството народ одлучи за промени, доста ни беа делби и поделби. Во сите околности, ќе се создаде европска влада и Никола Груевски не може да создаде влада“, рече Заев.