Директорот на депонијата Дрисла Горан Ангеловски денеска пред почетокот на седницата на Град Скопје на која треба да се донесе одлука за избор за приватен партнер, рече дека целата постапка за избор била транспарентна и со одлуката на Вишиот Управен суд тоа се потврдило.
-Тендерот беше спроведен според сите закони и ако ја читате погрешно може да дојдете до погрешни заклучоци. Како што пишува во пресудата сите наводи на тужителот излегле дека не се точни, и дека има направено само технички грешки во донесувањето на одлуката кои Градот на денешната седница треба да ги поправи, рече Ангелов.
Одговрајќи на новинарско прашање, колку пари досега инвестирала италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте во Дрисла и колкава била обврската за инвестирање во првите 4 години, Ангелов рече дека досега се инвестирани 3,5 милиони евра, но само за подготовска на детално урбанистичка планска документација. Тој додаде дека причината за ова е затоа што немале добиени никакви дозволи од Министерството за животна средина, а обврската на италијанската компанија била да инвестира 73 милиони евра во првите 4 години.
Претходно, координаторот на советничката група на СДСМ Драги Давчевски рече дека Вишиот Управен суд донел одлука да се поништи тендерот и да се започне нова постапка.
-Ова е второ поништување од судот во Македонија. Италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте вети инвестиции, но до денеска нема ништо освен канали и сливници кои се изградени со парите до Градот. Ако градските советници ја донесат ова одлука што им ја предлага Град Скопје ќе станат соучесници во вршење незаконски дејства. Ние бараме да се однесе одлука со која ќе се запре постапката и во нова јавна транспарента постапка ќе се избере нова компанија. Исто така бараме да се активира банкарската гаранција затоа што компанијата не инвестирала во Дрисла ниту еден денар, рече Давчевски.
Тој исто така побара градоначалникот Коце Трајановски, Инспекторатот и Министерството за животна средина да вршат постојан надзор на Дрисла за да се отстранат сомнежите дека таму се уништува сомнителен отпад.