Пасивноста, фрустрираноста , самосожалувањето, недостигот на образование и цивилизираност, преокупираноста со тв програми како вести и сапунски серии со лош квалитет, се дел од карактеристиките на себечувствувањето што го дефинира идентитетот на Македонецот во моментов.
Ова е дел од резултатите на истражувањето за проектот Скопје 2014 и неговите ефекти врз идентитетот што го спроведе Институтот за општествени и хуманистички науки, со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт“, чиј што претставник Хајнц Богартц, денеска на презентацијата на резултатите на истражувањето, рече дека прашањето на идентитетот, сосема се разликува од прашањето за името на државата.
Според ова квалитативно истражување дури 32 проценти од испитаниците чувствуваат културен срам од проектот Скопје 2014.
73 проценти од испитаниците изјавиле дека ликот на Гоце Делчев е дел од идентитетот на Македонците, наспрема само 9 проценти кои имале исто такво чувство за ликот на Александар Македонски.
Она со што се гордеат Македонците и кое би го покажале пред странците како дел од нивната култура и идентитет, според истражувањето, се јазикот, музиката, фолклорот, православните обичаи и храната, но никој од испитаниците не навел ниту еден споменик или дел од материјалната култура.
Резултатите на ова истражување го коментираа професорите Петар Атанасов и Иван Додовски и активистите Харалд Шенкер и Џабир Дерала.
Според Атанасов, Скопје 2014 предизвикува тектонски негативни поместувања и социјално е фактор кој ја влече државата назад во минатото, наместо кон европските перспективи.
За Дерала, проектот Скопје 2014 е скандалозен проект кој ќе не’ чини многу повеќе во иднина и тоа не само пари. Тој го истакна елементот на вооруженоста на статуите и спомениците од овој проект, што покажува милитантност наспрема декларациите на власта за мирољубивост и добрососедски односи.