„Пресудата е базирана и на компромис со политиката и е резултат и на личен анимозитет кон мене како адвокат, и кон мојот клиент Бојан Јовановски, кoj нeма кривично дело во овој предмет. Овој предмет е пример како без докази се носи пресуда“, изјави Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски по изречените пресуди за предметот „Меѓународен сојуз“ и пресудата за Јовановски кој е осуден на 9 години затвор.
„А каде се доказите? Всушност, за оваа пресуда нема ниту еден доказ. Не е случајно судот што надолго образложуваше, па уште и ја третираше интелектуалната способност на Јовановски. Излезе дека и бизнисмените и нивните компании се оштетени. Како тоа? И, најбитно, која е вината на Бојан Јовановски? Се разбира дека пресудата ќе ја обжалиме. Како што не е осудена Фросина Ременски, така и останатите обвинети требаше да бидат ослободени од вина“, рече адвокатот.
Дуковски додаде дека „стана опасна мода во секое дело од стопански криминал обвинетиот да се гони и за перење пари, но треба да се докаже такво дело, да се соберат и изнесат докази за што биле потрошени парите“.
Претходно и неговиот клиент Бојан Јовановски при изрекувањето на пресудата вербално ја нападна судијата Софче Гаврилова Ефремова обвинувајќи ја дека е „слуга на Зоран Заев“. (С.М.)