Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на телевизијата „21“ вечерва остро се осврна на состојбата во правосудниот систем, но и на односот на премиерот Христијан Мицкоски кон Обвинителството.
Агелер потсети дека САД до сега инвестирале „половина милијарда евра“ во судството, но резултатите не се на ниво на очекувањата.
Воопшто не ми се допаѓа состојбата во судството. Сакам да видам помалку зборување од страна на премиерот, а повеќе дејствување во рамките на судството“, порача Агелер, нагласувајќи дека „држењето на фокусот на јавни изјави не ги решава системските проблеми.
Таа појасни дека, иако премиерот не треба директно да избира обвинители, има политичка одговорност да обезбеди функционален систем.
Политичарите зборуваат за многу работи – тоа е дел од нивната улога. Но, на крајот, кога се гледаат резултатите, се заклучува дека има застој, додаде Агелер.
Во врска со интеграцијата на Македонија во Европската унија, амбасадорката рече дека е „сто отсто убедена дека се работи на прашањето со уставните измени“. Таа рече дека процесот е сложен, но и дека се работи на негово отпочнување.
Секогаш сум зборувала дека навистина верувам оти оваа држава мора да биде во Европската унија, и за да се случи тоа мора да се испочитуваат процеси. Јас не учествувам во преговорите, но можам да ви кажам дека се водат разговори кои го поплочуваат патот. Ме охрабрува тоа што гледам дека активно разговараат за отпочнување на процесот. Не е потребен само еден глас за Уставот, рече Агелер.

