Тендерот за уништување на сириското хемиско оружје го добиле финската компанија „Екокем“ и американската „Веолиа“, соопшти генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиските оружја (ОЗХО), Ахмет Узумџу, пренесе ИТАР-ТАСС.
Повикот за пријавување на тендерот ОЗХО го распиша на 20 декември 2013 година, а апликациите за учество се примаа до 19 јануари. На тендерот се пријавија вкупно 14 компании.
-Изборот заврши, а тоа е важен чекор кон исполнување на планот за елиминирање на сириската хемиска програма во определените рокови- изјави Узумџу.
Фирмите што победија на тендерот треба да уништат приближно 800 тони индустриски хемиски материјали исто така и неколку милиони литри реактивни производи, добиени при уништувањето на сириското хемиско оружје на американскиот брод „Кејп Реј“.
ОЗХО како краен рок за уништување на индустриските хемиски материјали го утврди 30 јуни, а за реактивните производи 31 декември 2014 година, напомена агенцијата.