НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Анализа на 100 дена Влада – економијата ја засени политиката

0
By Соња Крамарска on April 26, 2022 ВЕСТИ, НАСЛОВНА, ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Поминаа 100 дена од Владата на премиерот Димитар Ковачевски а првиот впечаток е дека ова се први 100 дена од влада во кои економијата доминираше повеќе од политиката. Иако едно од „наследствата“ што ги остави претходната влада е решавањето на спорот со Бугарија, два неочекувани фактори го оттргнаа вниманието од ова важно политичко прашање. Првиот фактор е војната во Украина која емитува воена психоза и во останатиот дел на Европа, а вториот е зголемената минимална плата која доведе до незадоволство и штрајкови во останатите сектори.

Но со оглед дека во Македонија политичките а не економските прашања се тие што ја зголемуваат температурата и ја одредуваат атмосферата во државата, можеме да заклучиме дека Ковачевски имаше политички мирни сто дена влада, но „гореше“ на друга страна, како што е енергетската криза, и кризата со брашно, пченица и зејтин, а во последните две седмици и штрајковите кои се закануваат да преминат во масовни. Кон мирните сто дена несомнено придонесе и карактерната црта на премиерот, задачите да ги распредели на министрите, со што е прекината „традицијата“ премиерите да се и министри за надворешни или за внатрешни работи, или да си присвојат во своето портфолио и борба против корупцијата затоа што така најлесно се поврзуваат со гласачите.

Осврнувајќи се на 100-те дена и самиот премиер денес на седница на Влада даде предност на економските параметри наместо политичките. Оценувајќи дека првите 100 дена од работењето на Владата „се импресивни со оглед на брзорастечката глобална економска криза и дека координираноста на сите чинители овозможи стабилност на финансискиот систем“, Ковачевски го посочи индикаторот кој му е важен на секој премиер во држава со нормално функционирање. И покрај сите турбуленции, вели, денарот остана стабилен. „Имаме поставени заштитни механизми во финансискиот систем, што овозможува негово непречено функционирање, а соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволна девизна ликвидност на домашната економија“, им соопштиКовачевски на министрите.

Ковачевски се осврна и на политиките на доброто владеење, транспарентноста и отчетноста за кои рече дека остануваат патоказ во сите сфери на работењето. „Обезбедивме зголемена транспарентност и отчетност во трошењето на буџетските средства при јавните набавки. Институциите сега имаат рок од 30 дена, не само преку Електронскиот систем за јавни набавки, туку и на своите официјални веб страници да објавуваат информации за спроведените јавни набавки“, рече тој. За во иднина Ковачевски најави исто така теми кои досега ги одбегнуваа премиерите или ги сметаа за неважни, климатските промени и дигитална трансформација – теми што исто така се индикатор за напуштање на традиционалните политики и приклучување кон прашања со кои светот одамна се занимава.

Војната во Украина и кризата што изби како нејзина последица во делот на прехранбени суровини ги одбележаа 100-дена на Владата која влезе во трка со трговците кои се обидоа да профитираат од растечките цени на некои основни прехранбени артикли. Впечаток е дека Владата на Ковачевски успешно се справи со овој проблем, и ако може така да се рече ги изгасна пожарите пред да се разгорат, во што несомнено улога имаше и фактот што министрите за економија и за финансии, Бектеши и Бесими, како и вицепремиерот за економски прашања Битиќи се од претходната влада и не беа неподготвени за соочување и со потешки прашања. Иако нов во врвот на политиката, и самиот Ковачевски чие економско портфолио е завидно но сепак е теоретско, брзо се снајде да управува со процесите, и со помош на економската министерско-вицепремиерска тројка успешно ја совладаа кризата со прехранбените артикли и суровини и уште поважно и енергетската криза интервенирајќи со намалување на акцизите на горивото и ДДВ-то на струјата и на основните прехранбени артикли, помош за плаќање сметки за електрична енергија и зауздувањето на галопирачката цена на зејтинот.

Како премиер Ковачевски несомнено покажа дека има добар инстинкт за економијата, а впечаток е дека се држеше и настрана од политиката. Проблемот со Бугарија го препушти на својот министер за надворешни работи, а својата улога ја сведе на техничка – потег кој е драстично поразличен од стилот на претходниот премиер Заев, кој беше на чело на преговорите со Грција при склучувањето на Преспанскиот договор а со ист стил продолжи и да ги води разговорите и процесите со Бугарија. Несомнено зад овој начин на држење на кормилото се крие стратегија која во случај на неповолен исход со Бугарија ќе го чува Ковачевски политички неоштетен – лекција за која треба да му заблагодари на Заев кој ја стави својата политичка судбина на коцка преземајќи го товарот на тешките политички прашања на свој грб.

Ковачевски и во своето експозе на влезот на премиерската функција посочи дека неговата примарна цел е економијата. „Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5 отсто, на 5 отсто просечен раст“, рече тој најавувајќи зголемување на домашните и странските инвестиции, но и навестувајќи тешка борба со енергетската криза. Мерките што подоцна уследија и беа негово огнено крштевање како премиер, Ковачевски ги најави уште во експозето. „Владата ќе направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за справување со последниците од енергетската криза. Ова ќе биде направено со цел ублажување на негативните ефекти врз цените и заштита на граѓаните од ценовни шокови“, рече тогаш Ковачевски.

Без разлика што голем дел од тие први цели се исполнети, аналитичарите предупредуваат дека за премиерот и неговите министри допрва доаѓаат тешки денови. Александар Кржаловски, директор на МЦМС во изјава за НоваТВ вели дека отпорноста на Ковачевски во првите сто дена ги изненадила сите, бидејќи на стартот на неговата премиерска функција преовладувале скептични прогнози. „Оваа Влада дојде во многу тежок период, уште не беше завршена пандемијата а веќе се продлабочи енергетската криза, а згора на се дојде и уште едно вето од Бугарија кое ги потопи надежите дека новата влада во Софија ќе им поконструктивен однос. Владата на Ковачевски добро почна и добро се држеше со оглед на предвидувањата, но вистинските проблеми ќе дојдат по истекот на стоте дена кога ќе се зголеми притисокот, штрајковите ќе станат помасовни, и веројатно и опозицијата ќе се приклучи на тој бран“, вели Кржаловски. Тој вели дека задолжувањето може да биде неповолен фактор за владата во идниот период бидејќи сумите што го зема на заем државата веќе го надминуваат прагот на финансиска стабилност и европскиот критериум за задолжувањата во однос на БДП, а парите се трошат непродуктивно и за купување на социјален мир, што значи и дека ќе биде отежнато враќањето на долгот.

Еден од куриозитетите е што Владата на Ковачевски барем во првите сто дена покажува поголема внатрешна кохезија од сите досегашни влади. Тоа е воедно и прва влада каде владејачката партија седи во задните редови бидејќи клучните ресори финансиите, економијата, здравството, образованието и надворешната политика се кај коалициските партнери. За жал два поголеми настани во изминатите сто дена покажаа дека одговорноста во вршењето на функциите, која ја најави премиерот, е тешко спроведлива, па министерот за правда Никола Тупанчески се извлече од одговорност иако се покажа дека не ја зборува вистината за (не)платените сметки за Палермо. Другиот настан беше корупцискиот скандал во самиот центар на Владата кој резултираше со оставка и притвор за генералниот секретар Мухамед Зеќири и ерупција од гнев во јавноста дека и покрај засилените антикорупциски политики, владите во Македонија, и оваа и претходните, сеуште не можат да ја искоренат корупцијата ни во своите редови.

Соња Крамарска

100 дена Влада Димитар Ковачевски
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025

Протест во Шабац против рудникот за литиум

August 1, 2025

Екс премиерот на Хрватска Санадер пуштен на условна слобода

July 31, 2025
ФОКУС

Милановиќ ѝ забрани на хрватската армија да соработува со Израел

ВЕСТИ August 3, 2025

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ ја повика хрватската влада да ја прекине трговијата со оружје…

Честитки од државниот за Илинден

August 2, 2025

Одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце и Скопје

August 2, 2025

Кијив: Ден на жалост по смртоносниот напад во кој загинаа најмалку 28 лица

August 1, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.