Употребата на мерки и механизми од минатиот век од страна на Руската федерација врз европскиот континент и воената агресија на независна и суверена држава ја поттикна потребата од дебата кај секој граѓанин дали треба да се преиспитаат или надоградат некои од постојните безбедносни концепти на меѓународен план и дома- во националната и во интегралната безбедност.
Испитувањето на јавното мислење треба да го запали црвеното светло кај институциите и релевантните политички субјекти во земјата бидејќи покажа дека над 60 проценти од населението Македонци – испитаници се изјасниле за цврсти односи на Македонија со Русија и Кина, а 45 проценти се за членство на Македонија во Евроазиската Унија предводена од Русија.
Секој кој сериозно се бави со наука, политика и безбедност треба да се запраша: Каде оди македонскиот брод, односно дали големите бури и бранови влијаат да се смени правецот по кој се движиме повеќе од 30 години?
Сега кога сите сили и планови се концентрирани на воениот конфликт на европскиот континент, но секако и кај земјите двигатели на меѓународната безбедност постојат дилеми и отворени прашања: Дали НАТО, по научените лекции со Ковид-19, одговара на безбедносните ризици предизвикани од руската воена агресија врз Украина, дали требаше да превенира или пак директно да се справи со предизвиците пред да дојде до употреба на оружје.
Она што е кристално јасно е дека постојат две заложби: НАТО да прерасне во елитен безбедносен клуб и да запре политиката на проширување и отворени врати за нови земји членки и втората, поголемо проширување на НАТО и создавање на нови политичко-воени сојузи НАТО-Индија како баланс на новиот сојуз кој погресивно се промовира Русија- НР Кина и НАТО-Австралија-Нов Зеланд и други сега неутрални држави.
И во двете опции, се отвора дилемата колку при евентуално големо ширење нема да бидат занемарени интересите на помалите земји членки?! Како држава-членка на НАТО ќе партиципираме во дискусијата, но не сме одлучувачки фактор за крајниот концепт.
Она што е суштинска и безбедносна потреба за земјата е по потпишаното стратешко партнерство со САД и Турција, да се воспостави зајакнато стратешко партнерство со Велика Британија и Франција и секако со СР Германија, која за жал поради домашните проблеми го губи приматот во регионот на Западниот Балкан. Неопходно е да се изградат партнерства при процесот на модернизација во опремата и вооружувањето на македонската Армија, бидејќи крајно време е да се стави крај на ,,купи ефтино без разлика на потеклото“, бидејќи цената не смее да ги надвладее националните и безбедносните интереси.
И она што не смее да се дозволи е дополнително да се раслојува македонското национално и општествено ткиво и конечно добро е што релевантните политички партии се со единствен став, па нема простор за домашен политички мегдан на тема- руска агресија врз Украина. Тука би ја спомнал и поделбата на русофили или русофоби која е една лажна дилема што влече корени од минатото и е рецидив на ,,папочната врска“ на безбедносните служби пред македонската независност. Исто толку важно е да не се осудува целиот руски народ бидејќи по default ако си Русин не си Путин! Но, никако не смееме да останеме глуви и најмалку што може е да ги поддржиме напорите за мирно решавање на секој проблем и конфликт и правото за независна држава и сопствен идентитет.
Македонија на удар од руската разузнавачка служба
Она што го засега секој граѓанин е дали и колку постојните концепциски безбедносни пристапи може да одговорат на домашните и глобалните ризици, бидејќи заканата за нашата безбедност преку субверзивните дејства и руска модус операнди операција доаѓаат од внатре.
Она што е сигурно е дека македонските граници – се заштитени со членството во НАТО. Но, македонскиот безбедносен систем треба да превземе активности кои ќе извршат профилакција, превентивен третман и систем од мерки за заштита од обидите за директен продор за странски непријателски елементи од други држави во македонските институции.
Ова го велам затоа што во изминатите неколку месеци – врз македонските безбедносни и политички институции имаше обиди од внатре од структури на руската разузнавачка служба преку официјални и неофицијални преставници на Руската федерација во Македонија.
Дел од тие обиди за упад во македонскиот безбедносен и политички систем беа документирани, навреме осуетени и попречени, за што беа протерани официјално и неофицијално неколку руски дипломати, но сега како земја членка на НАТО и држава која не по нејзина желба е ставена на листата на непријатели на друга држава треба да бидеме далеку побудни, оперативни, функционални и да создадеме механизми на заштита и градење на висока безбедносна култура кај сите вработени во државната администрација и посебно чувствителните ресори – безбедност, финансии, енергетика, информатички системи, критична инфраструктура… Воедно градењето на концепт на интегрална безбедност ќе ги зајакне домашните капацитети на македонскиот безбедносен и политички систем да ги превенира и одговори на ризиците, заканите со кои се соочуваме секој ден и кои не се видливи за обичните граѓани.
Не помалку важна е и економската безбедност на државата, која го оптоварува населението, а која е исправена пред предизвици и може сериозно да биде загрозена, доколку навремено сите не се справуваме со обидите за ширење на лажни вести, хибридни закани, асиметрични противзаконски активности и координирано делување како на безбедносно-разузнавачката заедница, така и на власта и на бизнис заедницата.
Одговараат ли концепциските безбедносни пристапи на ризиците?
Столбовите на трансформацијата на безбедносниот систем на Македонија се познати и тие се консолидација на ресурсите, ажурирање на безбедносната политика, мапирање на ризиците и заканите, координација, градење на систем на безбедносна култура, професионализација, безбедносна проверка на сите вработени во сите институции од областа на безбедноста, надворешната политика и правниот систем, создавање на законски можности за полиграфско тестирање на секој вработен во безбедносните институции, градење на концепт на интегрална безбедност, јавно приватно партнерство во безбедноста. Овие столбови сум ги наведувал во повеќе прилики и нивната содржина е иста, но сменето е темпото по кое треба да се преземаат.
Молскавичното менување на светските трендови и односи, не овозможуваат традиционален пристап и постепено реформирање, туку тоа наметнува потреба од брзо детектирање и делување кон заканата, затоа што НАТО не може целосно да не заштити од изворите на ризици кои ги имаме дома.
Овој навидум хаотичен пристап во меѓународната безбедност, овозможува државни и недржавни актери од други земји да ги искористат и да ги експлоатираат слабостите на политичкиот и безбедносниот систем, односно отворени се голем број на „прозорци на можности“ кои се користат против нашите интереси.
Во моментов, на Западниот Балкан веројатно не му се заканува војна со тешко вооружување и опрема како што тоа го гледаме во Украина. Но, Балканот и Македонија се втурнати во хибридна војна со таргет за изолирани безбедносни инциденти и политичка дестабилизација на повеќе држави поради отворените прашања во регионот.
Мешавината од различните алатки кои ги употребува Руската федерација конструираат хибриден апарат кој има цел да влијае во процесот на донесување одлуки во секоја поединечна држава од регионот, да ги освои „срцата и умовите“ на народите од регионот, да врши ерозија на институциите и на политичкиот систем преку поттикнување недоверба во демократските и државните институции, како и интраетничка, интеретничка, социјална, културна и политичка поларизација на општествата, што води кон лошо владеење во секоја поединечна држава од регионот и зголемување на енергетската зависност.
Дали и во која мера Руската федерација ќе ја оствари целта, се уште зависи од нас-земјите во регионот!
Анализа на проф. д-р Марјан Ѓуровски, универзитетски професор