Андреј Киска бизнисмен и филантроп е новиот претседател на Словачка на изборите што се одржаа вчера, јавуваат светските агенции. Тој освоил 59, 38 проценти од гласовите со што го победи неговиот противник , актуелниот премиер и основач на партијата СМЕР- Социјална Демократија, Роберт Фицо за кого гласаа 40,61 проценти од избирачите.
Фицо го призна поразот и му ја честиташе победата на Киска, појавувајќи се пред новинарите, во време кога, според неофицијалните резултатите неговиот противник водеше во сооднос 60 наспроти 40 проценти од преброените гласови.
По пребројувањето на ливчињата од 99 проценти од избирачките места, Киска води пред Фицо со разлика од 400.000 гласови.
– Тоа што го ветив, ќе го остварам. Ветив дека ќе бидам претседател на сите граѓани, дека ќе ги зближувам луѓето. Ќе застанам зад секој пристоен човек во нашата земја и сакам луѓето да бидат горди на Словачка, да можат да живеат тука и да се чувствуваат добро, им се заблагодари Киска на гласачите.
Според политиколозите, Фицо, кој во првиот круг на претседателските избори беше во блага предност пред Киска со освоени 29 наспроти 24 проценти освоени гласови не успеа на електоратот да му објасни зошто сака да биде претседател и мнозинството повеќе сака тој да остане премиер.
Иако резултатите се уште не се официјално потврдени од Изборната комисија, излезноста на изборите за претседател била 50,46 проценти.