Анкара: Турската опозициска „Нова партија“, основана пред помалку од еден месец, има предност од 7,9 процентни поени пред владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, покажуваат резултатите од новото истражување на турската агенција „Метропол“ кое го пренесува „Туркиш минит“.
Според истражувањето спроведено кон крајот на јули на примерот од повеќе од 1.200 испитаници, доколку парламентарните избори се одржат сега, „Нова партија“ би добила поддршка од 30,3 проценти од гласачите и би станала прва политичка сила во Турција, додека АКП би останала на второто место со 22,4 проценти.
На третото место се наоѓа прокурдската Демократска партија на народите (ДЕМ) со поддршка од 5,4 проценти, по која следуваат националистичката „Добра партија“ со 3,9 проценти, Партијата на националистичкото движење (МХП) со 3,6 проценти и опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) со 2,9 проценти.
„Нова партија“ ја основа поранешниот лидер на ЦХП, Озгур Озел, кон крајот на јули, откако тој и уште 90 пратеници ја напуштија матичната партија.
До оваа одлука дојде по долготрајната криза во редовите на ЦХП, која започна кон крајот на 2024 година и беше предизвикана главно од судските постапки за корупција против повеќе нејзини членови, меѓу кои градоначалници и високи партиски функционери.
До значителен раскол во ЦХП дојде кон крајот на мај, кога Апелацискиот суд во Анкара со одлука го поништи 38-от редовен конгрес на партијата од 2023 година, го разреши раководството предводено од Озгур Озел и на чело на партијата повторно ги постави нејзиниот поранешен лидер Кемал Киличдароглу и неговиот тим. Тоа практично ја подели партијата на две фракции и ги постави темелите за создавање на новото политичко движење.




