Официјална Атина продолжува со вербалните напади против Скопје.
Во жестоката расправија меѓу опозициската Сириза и грчката Влада за ситуацијата на Кипар, владиниот портпарол Симос Кедикоглу не пропушти да ја спомене и Македонија, односно „идентистичките аспирации на Скопје“.
„Не прифаќаме лекции за љубов кон татковината од лидер на партија кој ги прифати иредентистичките аспирации на Скопје и кој е подготвен да ги даде грчките мали острови на Турција“, се вели меѓу другото во пишаната реакција на Кедикоглу на изјава на Ципрас.
Пред кипарскиот Парламент да го отфрли оданочувањето на банкарските депозити Ципрас ја обвини владејачката Нова демократија дека поддржува одлука за „колонизација на Кипар и која ќе ја уништи неговата економија. Според лидерот на Сириза, премиерот Самарас и министерот за финансии Јанис Стурнарас поддржуваат „провокативни и неприфатливи политики“.
Кедикоглу во одговорот рече дека „со оглед на тоа што Ципрас не може да ги убеди дури ни своите луѓе во Грција, тој сега фантазира дека е претседател на Кипар“ и го обвини за политички опортунизам.