Виклиф Бивот од Кенија и Слаѓана Перуничиќ од Црна Гора се победници на 31. издание на Охридскиот маратон „Влатко Димитров“ што денеска се трчаше од Свети Наум до градското пристаниште во должина од 30 километри.
Кениецот на целта пристигна со време од 1:49,19 часа како и Тамаш Наѓ од Унгарија. Третото место со задоцнување од повеќе од две минути го освои Косовецот Зилир Рутани (1:51,25 часа). Најдобар македонски атлетичар беше Кокан Ајановски на четвртото место (1:53,12 часа).
Црногорската претставничка, пак, оствари најдобро време во женска конкуренција. Трката ја заврши за 1:55,52 часа, останатите две атлетичарки имаа резултат над два часа. Пласман на втората позиција за Ана Суботиќ од Србија (2:03,21 часа), трета беше домашната натпреварувачка Андријана Поп Арсова (2:16,30 часа).