Пишува: Нано Ружин

Во однос на авганистански мигранти во нашата држава засега се работи за релативно мал број бегалци  и потезот на владата е да се покаже солидарност кон Алијанста. Ние мораме да бидеме подготвени на солидaрно делење и на добрите и на лошите димензии. Од Катастрофалниот земјотрес во 1963, преку кризата во 2001 се до летните пожари, меѓународната заедница, Алијансата и ЕУ помагаа,  раководеа со нашата криза, учествуваа и во гасењето на летните  пожари. Иако не верувам во помасовен прилив на Авганистанци во Северна Македонија, сепак е добар потег што како држава-членка на Алијансата, владата покажа подготвеност да прими бегалци од оваа чудна, далечна и несреќна држава.

Новите господари на Авганистан, Талибанците чие движење прерасна во светилиште на џихадизмот, дваесет години по одбивањето да го предадат Бин Ладен, деновиве го освоија Кабул и веќе го променија името на државата во „ Исламскиот емират на Авганистан“. Во 1997 Талибанците-студентите по теологија, воглавно припадници на етничката група Паштуни, поддржани од страна на вооружени странски групи, ја освоиле власта, а по завземањето на Мазар-ел-Шариф во 1998 масакрирале околу шест илјади Хазари. Во 2001 слично на ИСИС/ДАЕШ ги рушат големите предисламски статуи на Буда  од Бамијан ( IV век) и воспоставуваат строго шериетско законодавство со јавно линчување на „грешниците и грешничките“. По интервенцијата на Меѓународните сили за помош и безбедност ( ИСАФ) во 2003, која во 2015 е заменета со мисијата Решавачка подршка, во 2015 е најавено повлекување на силите на НАТО.Епилогот е поразителен: потрошени над 1000 милијарди долари, 2400 загинати и 20 400 повредени само меѓу американските сили. Во 2020 во Доха бил склучен договор со Талибанците за мирно повлекување на силите на Алијансата  до 11.09.2021, спречување на рецидивите на тероризмот, запирање  на  нападите и мирни преговори со владата во Кабул. Воедно Талибанците потпишале договор за ненапаѓање со сите соседните држави.

Меѓутоа, брзината со која Талибанците го освојиа Кабул ги изненади сите актери. На 15 август оваа година тие контролираа 26 од 34 градови на регионите. Реакциите на јавното мислење во Европа и САД по повод брзото паѓање на Кабул во рацете на Талибанците се споредува со „поразот на американците при повлекувањето од Сајгон“ во 1975. Германците сметаат дека Германија го доживеала „Германскиот Виетнам во Авганистан“, додека во Франција го поставуваат прашањето за „француските војници кои загинаа за ништо“. Во Авганистан ќе завладеат терористите, истакна претседателот Макрон, и се заложи за сопирање на нерегуларните миграциони токови. Во САД поранешниот претседател Трамп побара оставка од претседателот Џо Бајден бидејки дозволил „САД да бидат понижени од страна на Талибанците кои не го испочитувале договорот за повлекување до 11 Септември”. Сепак и Бајден и Трамп истакнаа дека целта на САД била да се победи Ал Каеда,  цел која коалиционите сили ја исполниле.

Авганистан е една посебна држава, со динамична историја, исполнета со големи преселби, војни и отпор против освојувачите. Колонизацијата отпочна  со В.Британија во 19 век, продолжи со Советската окупација  кон крајот на 20 век и конечно со инвазијата на  САД на чело со антитерористичката  коалиција на почетокот на 21 век. Територијата на Авганистан е 26 пати пообемна од територијата на Северна Македонија (645 000км2) и се одликува со исклучиво планински  релјеф, богат со минерали и рудни резерви чија вредност според американските проценки  достигаат над 2 000 милијарди долари. Во такви услови воената техника делумно помага во војната против герилата и затоа ниту масивната воена армада на Алијансата предводена од САД и коалиционите партнери не беше доволна да ги докрајчи сите оние кои им даваа отпор, било да се работи за терористички групи на Ал Каеда, ИСИС/ДАЕШ или движењето на Талибанците. Воедно Авганистан и натаму остана најголемиот светски  извозник на опиум, со кој раководат „бароните на војната“ со свои приватни армии. Нарко-економијата им носи големи приноси, а од тоа  живеат и над 2 милиони Авганистанци, Производството на опиум зафаќа 35% од БДП и и носи на државата 2,5 милијарди долари годишно.

Кој ги предводи Талибанците и каква е нивната стратегија? Во медиумите се претставени повеќе личности меѓу кои се издвојуваат: високиот верски водач, молахот Хајбатулијах Акундзада, потоа војниот командант молахот Мохамед Јакуб инаку син на легендарниот молах Омар, основач на талибанското движење, како и  Сирајудин Хакани син на Ѓалалудин Хакани, харизматичен херој од војната против Советската окупација. На политички план големо влијание има и Абдул Гани Барадар, шеф на политичкото биро во Доха и Катар. Конечно се претпоставува дека афирмираниот Мохамад  Станкензаи, кој одржува врски со повеќе големи сили ке стане министер за надворешни работи.

Официјално ниедна држава не ги подржува Талибанците, иако нивната главна подршка доаѓа од Пакистан. Кога во 1997 дојдоа на власт, Талибанците имаа постојана подршка од страна на фундаменталистите и исламистите С.Арабија, Катар и Пакистан.  И Пекинг со едното око им намига на Талибанците. Дискретната подршката на Кина не се должи само на ветувањата Талибанците дека ке ја неутрализираат ИСИС туку и заради рудните богатства особено наоѓалиштата на бакар, јужно од Кабул. Последниве три години талибанците воспоставија врски и со Иран и со Русија.

Талибанците  не одат по стапките на Исламската држава чии амбиции се создавање универзалистичко меѓународно движење, кое води џихад пред се во исламскиот , а потоа и во целиот свет. Талибанците се исламско фундаменталистичко движење кое не  извезува џихад. Пред се ги интересира националната кауза која се сведува на еден етникум – Паштуните. Тие претставуваат 40% од големиот етнички мозаик на Авганистан. Со тек на времето им се приклучиле Узбекистанци и Таџикистанци кои живеат во Авганистан.

Талибанците се герилско движење и не зависат  од странска финансиска помош. Впрчем и самите наплаќаат даноци од трговијата со дрога, како и исламски данок од народот. Сепак меѓународната заедница поседува  алатки за пресија врз Талибанците од неколку причини: Пред се талибанците настојуваат да го надминат лошиот имиџ дека се терористи, создадени од муслимански фанатици, кои се против сите женски права и против Западот и САД. За да функционира нивната држава, бараат меѓународно признание пред се од страна на големите сили. Талибанците ветија дека ке  создадат инклузивна влада со учество на други политички и етнички субјекти. Деновиве делегации на Таџикистанци и Узбекистанци преговараат со Талибанците во Пакистан. Од своја страна САД и ЕУ дадоа до знаење дека признавањето на Талибанската влада ке зависи од нејзинот однесување во третманот на граѓаните и особено жените.

Напорите на меѓународната заедница за демократизација на Авганистан беа огромни, но очекуваните резултати се поразителни. Во обука на населението, невладиниот сектор и армијата беа потрошени неколку илјади милијарди долари. Беше создадена републиканска армија од 300.000 луѓе, која требаше да го задржи талибанското напредување. Меѓутоа оваа армија имаше големи недостатоци. Мажите и жените стапуваа во  армијата за да ги прехранат семејствата. Во армијата исто како и во администрацијата владееше огромна корупција.   Владејачката корумпирана елита живееше на висока нога. Затоа по првите посериозни удари на Талибанците, армијата на Авганистан  се распадна како меур.

По заземањето на Кабул, Талибанците објавија општа амнестија за сите. Дали таа ке се почитува? Експертот за Авганистан  Карим Пакзад кој работи во ИРИС-Париз, смета  дека Талибанците ке ја респектираат  амнестијата, делумната  слобода на медиумите како и правото на жените да студираат. Меѓутоа веќе првите слики од државната телевизија покажаа дека познатите новинрки кои настапуваа без фереџе веќе се исфрлени од програмата и заменети со новинарки облечени во бурки или со мажи.

Каква ке биде иднината, сеуште е рано да се оцени? Се претпоставува дека е можен судир помеѓу ултра радикалните талибанци и оние кои се поумерени. Засега поаѓајки од примерите дека Талибанците им овозможија на поголем број функционери, министри заменици на министри против кои војуваа за да заминат дава надежи дека умерената линија на Талибанците е доминантна.

Дали е можен егзодус и голем мигрантски бран кон Европа? Првите проценки беа песимистички, а паниката од аеродромоите беше мошне негативен инидикатор. Меѓутоа изгледа дека мигранскиот бран е посилен кон соседството но не се очекува да биде толку масивен. Сојузниците им овозможија на повеќе жени и мажи од невладиниот сектор или опреведувачи и оние од логистички сектор да заминат во САД, Канада, Германија, Франција и во државите членки на Алијансата.

Нашата држава  од самиот почеток на формирањето на анти-терористичката коалиција учествуваше во мировните операции во Авганистан. Во Авганистан ротираа околу 3.500 војници и експерти и околу 5.000 вработени во логистичките служби воглавно  во рамките на американската армија. Нашите печалбари заработуваа помеѓу 40 до 45 000 долари годишно. Во 2018 еден вработен Македонец во француската команија СОДЕКСО беше киднапиран и убиен со уште двајца други вработени странци.

Од воен аспект, присуството на македонските мировниоци беше оценето со највисоки резултати и признанија. Тие го обезбедуваа патот од аердромот до Кабул а учествувале во одбарана на неколку стратешки точки, амбасади и др. Од аспект на интероперативноста нашите војници успешно се адаптираа кон НАТО стандардите, и го покачија рејтингот на нашата армија меѓу сојузниците. Од економска гледна точка, голем дел од граѓаните од државата   спечалија доволно за еден коректен живот

Во однос на авганистански мигранти во нашата држава засега се работи за релативно мал број бегалци  и потезот на владата е да се покаже солидарност кон Алијанста. Ние мораме да бидеме подготвени на солидaрно делење и на добрите и на лошите димензии. Од Катастрофалниот земјотрес во 1963, преку кризата во 2001 се до летните пожари, меѓународната заедница, Алијансата и ЕУ помагаа,  раководеа со нашата криза, учествуваа и во гасењето на летните  пожари. Иако не верувам во помасовен прилив на Авганистанци во Северна Македонија, сепак е добар потег што како држава-членка на Алијансата, владата покажа подготвеност да прими бегалци од оваа чудна, далечна и несреќна држава.