Не постои книга во Македонија со толку многу голем тираж како книгата „Дрога- болест на денешнината“, тврди за НОВА, авторот Бошко Томовски. Книгата била печатена три пати и била издадена во 120. 000 примероци и тоа на македонски, албански и српски јазик.
Оваа книга предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, откако се појавија фрагменти каде што авторот, психијатарот Томовски, објаснува како да се препознае „наркоман“ по надворешниот изглед, а тоа го поврзува со рок музиката која ја слушаат. Корисниците на наркотични средства, Томовски ги опишува како луѓе со темни наочари, црна облека, посебни фризури, кои носат крстови.
„Наркоманскиот стил на облекување, наркоманскиот специфичен и за многумина нејасен говор, заедно со бучната рок музика снимена на светските или домашните поп сцени, го комплетираат имиџот на наркоманот.
Наркоманите се добри познавачи на рок и поп музиката особено ако таа музика ја изведуваат музичари наркомани како што беа Џими Хендрикс, прочуената Џенис Џоплин, гитаристот на Ролингс Стоун – Брајан Џинс.
Нивните средби задолжително се проследени со разговори за актуелните музичари – наркомани, се дискутира на нивниот живот и за нивните најнови активности во светот на музиката“, се вели во книгата на Томовски.
Книгата излегла од печат во 1998-та година и била давана како подарок на крајот на учебната година, на учениците со добар успех во 7. и 8. одделение и на учениците во последните две години во средните училишта. Томовски раскажува дека печатењето на книгата во тој период го помагале градоначалниците на општините, а тој се откажувал од своите авторски права само книгата да стигне до таму каде што треба, до младите.
„Книгата е напишана со две цели и тоа за родителите и децата. За родителите да можат да препознаат што се случува со нивното дете по карактеристичниот начин на облекување, по исхраната(ако слабее)по слушањето на рок музика, по присуството на хомосексуалноста, по криминалното однесување, бидејќи прават се за да дојдат до дрога. За децата, да знаат да препознаат што се случува со нив ако нешто им се стави во пијалакот на забавите, да знаат што се случува со хемијата во нивниот мозок„изјави Томовски, за НОВА.
Тој вели дека во праксата како неуропсихијатар се среќавал и излекувал многу такви личности, кои подоцна станале инжењери, архитекти, лекари, односно примерни граѓани.
„Врз основа на моето искуство ја напишав книгата и во тој период одев во основните и средните училиштата, каде што им држев предавања на учениците. Кога во тој период јавно на националниот сервис кажав дека бројот на скриени „наркомани“се зголемува, дека нивниот број изнесува 20 000, како и тоа дека Македонија е пред големо зло, тогаш моите колеги ми велеа дека си правам реклама за книгата“, вели Томовски.
Томовски во својата книга пишува и за користиците на марухуана, за кои вели дека од 10 дена користење стануваат зависници.
„После внесената марихуана во вид на дим наркоманот ја доживува следната состојба: расположението се поправува и станува еуфорично, говорот е побогат и посилен, присутни се немотивирани благи насмевки, без цел, мадоски насмевки, времето се доживува како продолжено, а просторните растојанија се зголемуваат, наркоманот има време на претек.
Чувствата просто стануваат поизострени, наркоманите разговараат на своите седенки без отварање на устата, а се разбираат со меѓусебно гледање што нив тоа ги прави единствени.
Денес јавните концерти и кафулиња со музика од типот рок, претставуваат места каде што дрогата заедно со алкохолот и цигарите вешто им се доставува на младите лица. Тоа за родителите, чии деца таквата средина активно ја посетуваат, треба да претставува сериозен знак“, вели аворот во книгата„ Дрогата болести на денешнината“.
Рок музичарот Бени Шаќири е шокиран од книгата и се чуди кој дозволил таа да излезе во печат, без разлика за кое време станува збор.
„Луѓето што слушаат или свират рок музика се урбани личности кои се трудат да направат нешто паметно, сите што го тврдат спротивното подлегнуваат на наркотични средства. Не на рок концерт, им препорачувам да влезат на концерт каде што се свири турбо-фолк музика и да направат тестови за дрога, ќе бидат шокирани од тоа што ќе го видат. Јас произведувам рок музика, активен сум, спортувам, ретко пијам алкохол, не пушам, не користам дрога. Во секое време може да дојдат и да ме тестираат“, вели Шаќири, револтиран од она што го прочитал во книгата на психијатарот Томовски.
Влатко Деков од невладината ХОПС-Опции за здрав живот, кој 15 години работи со лица кои користат дроги, вели дека иако книгата е пишувана одамна , не одговара на вистинските состојби и за времето во кое е пишувана.
„ Јас 15 години работам со лица кои употребуваат дроги и на почетокот секогаш го поставував и прашањето за видот на музиката која ја слушаат затоа што и јас самиот сум вљубеник во музиката, одам по фестивали и пишувам рецензии токму за рок музика. Моето искуство вели дека употребата на дрога не е карактеристика на видот на музиката која се слуша. Напротив во овој момент повеќето корисници на дроги кои добиваат услуги од ХОПС не слушат рок музика. туку турбо фолк или некоја нему сродна музика„, вели Деков за НОВА.
За терминот „наркомани“ кој се употребува во книгата вели дека е осудувачки и има негативен контекс за лицата кои користат дроги, а особено е неиздржан бидејќи сите дроги не се наркотоци и не може да се користи како таков.
Еве и дел од коментарите на Твитер заедницата:
Неуропсихијатарот автор на книгата„ Дрога –болест на денешнината“, Томовски сега е пензионер, има 73 години. Тој вели дека се уште е активен и во соработка со полицијата од Битола, држи предавања во училиштата во овој регион, во Демир Хисар, Могила, Ресен. Тој води емисија во живо на една локална телевизија во внатрешноста, која се дава три пати во неделата, каде што вели дека дава совети на гледачи од областа на психијатријата и зависноста од дрога.