Минхен: Управниот суд во Баварија дозволи повторна консумација на канабис во паркот „Англиска градина“ во Минхен, како и во другите паркови, по жалба поднесена од двајца корисници на оваа супстанца, пренесуваат германските медиуми.
Според оценката на судот, забраната во овој минхенски парк е незаконита, објави „Шпигел“.
Во усната постапка, надлежниот судечки совет веќе посочил дека толку далекусежна регулатива бара доказ за опасност или значително вознемирување на други лица што би го предизвикало консумирањето марихуана.
Како што наведе судот, тужбата и пресудата се последица и на исклучително рестриктивниот курс што баварската државна влада го спроведува во врска со делумната легализација на канабисот.
Тужбата што двајцата мажи ја поднеле до Управниот суд во Баварија била т.н. тужба за судска ревизија, со која се оспорува забраната за пушење марихуана во целата Англиска градина во Баварија и во соседните паркови – Хофгартен и Финанцгартен.
Како што навеле подносителите на тужбата, понатаму кон север паркот станува многу простраен и изолиран, со малку туристи кои го посетуваат тој дел.
Тие поставиле прашање зошто не би требало да се дозволи пушење марихуана ако тоа никого не вознемирува.
Баварија сега може да поднесе жалба на пресудата до Сојузниот управен суд, а во спротивно, пресудата ќе стане правно обврзувачка.

