Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина се сретнал со косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља по мерката на Косово за забрана на увоз на компири и мед од земјава.
Бектеши и Шаља, како што објави електронското издание на косовскиот весник „Коха диторе“, се согласиле до петок Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово да испрати извештај до македонската Агенција за храна и ветеринарство на соодветната програма за следење на производите, во овој случај на икрите од риби од Косово.
Министерот Бектеши истакнал дека оваа мерка не е преземена само за Косово, туку и за сите држави кои ја немаат имплементирано програмата за мониторирање во врска со производите од риба.
Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, денеска во 15 часот ќе одржат прес-конференција во врска со исходот од средбата со Шаља, за трговските мерки што ги воведе Република Косово.

