Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони изјави дека во случај Врховниот суд да ја потврди пресудата со која е обвинет за финансиска измама, ќе оди во затвор отколку во некој центар за извршување општествено корисна работа.
– Нема да прифатам да извршувам општествено корисна работа, како криминалци кои треба да бидат ре-едуцирани, изјави Берлускони за италијанскиот дневен весник „Либеро“.
Врховниот суд во вторник треба да ја разгледа жалбата на Силвио Берлускони на пресудата со која тој е осуден на четири години затвор за финансиски измами во рамки на аферата Медиасет, пренесува МИА.
Поранешниот премиер на Италија, исто така, нагласи дека нема да го искористи своето право поради поодминати години казната да ја издржува во домашен притвор.
– Имам речиси 78 години и имам право казната да ја издржувам во домашен притвор. Ако се потврди пресудата и ја преземам одговорноста, сакам да одам во затвор, изјави тој.
За аферата Медиасет Берлускони е осуден во октомври 2012 година.