Според прелиминарните резултати на босанската Изборна комисија, нови членови на Претседателството на БиХ од редовите на бошњачкиот, хрватскиот и српскиот народ се Бакир Изетбеговиќ, односно Драган Човиќ и Младен Иваниќ.
Изетбеговиќ освоил 32.74 отсто од гласовите, Човиќ 51.52 отсто, додека Иваниќ 48.31 отсто.
Недостасуваат уште гласовите на избирачите кои гласале преку пошта, во отсуство и по пат на мобилни екипи.
Резултатите на ЦИК покажуваат и дека актуелниот претседател на Република Српска, Милорад Додик останува на истата функција и во следниот мандат.
Лидерот на Сојузот на независните социјалдемократи освоил 264.051 глас, односно 47.10 отсто, а неговиот противкандидат Огњен Тадиќ од Сојузот за промени имал 253.211 гласови, односно 45.16 проценти.
Потпретседател на РС повторно е Рамиз Салкиќ од коалицијата Татковина, со освоени 15.552 гласа.