Шест безживотни тела се пронајдени во саботата во Добој во централна Босна по делумното повлекување на водата којашто го поплави градот пред два дена, а полицијата засега претпоставува дека станува збор за лица коишто се удавиле во стихијата, со што бројот на жртвите се зголемува на единаесет.
Претходно, беа потврдени смртни случаи на најмалку пет лица коишто настрадале во поплавите во северните и источните делови на Босна, кога ги однела надојдената вода или настрадале при уривање на нивните домови.
„Најверојатно станува збор за давеници од Добој, но не е исклучено се работи за тела којшто тука ги донела реката Босна”, изјави директорот на полицијата на ентитетот Република Српска, Гојко Васиќ.
Добој и натаму е поплавен, а илјадници луѓе од регионот и натаму очекуваат помош. Во Добој и Маглај, коишто досега најтешко настрадаа од стихијата, водата достигнува над два метра и ги прекрива градските сообраќајници улиците па движењето е единствено можно само со чамци. Во овие градови и околината и натаму нема електрична енергија и вода за пиење.
Во многу региони на Босна и Херцеговина поради поројните врнежи се јавија свлечишта на земјиштето кои загрозуваат станбени објекти, улици и железнички пруги. Непречено се одвива сообраќајот само јужно од главниот град Сараево кон Херцеговина.
Од утринските часови во Бијелина, каде што попуштил насипот на реката Сава а поради порастот на нејзиниот водостој, загрозен е целиот регион на Босанска посавина и блиското место Домаљевац.
Ситуацијата во делови на Босна и Херцеговина кои се погодени од поплавите и натаму е многу тешка, оцени во извештајот саботата напладне министерството за безбедност на БиХ. Се наведува дека центарот еза кризни ситуации кој делува во рамките на ова министерство и ноќта кон саботата добило барање за помош од хеликоптер од поплавените области во Модрича, Маглај, Босански Шамац, Орашје, Бијелина и Домаљевац.
Таму помошта се префрлува со камиони и хеликоптери, а во евакиацијата на цивилното население се вклучени и мировните сили на Европската унија (ЕУФОР). Покрај хеликоптерите на Вооружените сили на БиХ и на ЕУФОР, во текот на денот продолжува акцијата за спасување и помош во која се вклучени и хеликоптери од Хрватска и Словенија.
Во текот на денот во погодените подрачја се очекува доаѓање на 23 спасувачи од Луксембург со пет моторни чамци, од Словенија се најавени четири чамци со 12 спасувачи, а од Австрија осум чамци со комплетни екипажи за спасување. САД најавија испраќање на тринаесет моторни чамци, како и парична помош.