– Економските оператори кои овие две недели ќе бидат затворени ќе бидат опфатени со нов сет мерки. Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци, изјави за НОВА ТВ вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Тој вели дека во наредниот период ќе се прават анализи на нивното работење за тоа колку би заработиле доколку не би биле затворени нивните објекти со новите мерки на Владата за спречување на ширењето на Корона вирусот.
– Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет, вели Битиќи.
Посочи и дека како и во вонредната состојба оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час, секако со соодветни дозволи за движење.
– Дополнително, во текот на денот можат да продаваат храна и пијалоци од шалтер (take away или to go) без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат, вели за НОВА ТВ вицепремиерот за економски прашања.